ВИДЕО – Надлежните се сомневаат дека пожарот во битолскиот затвор е подметнат


Надлежните се сомневаат дека пожарот кој синоќа околу 19.20 минути избувна во една од притворските келии во битолскиот затвор, лоциран во месноста „Црн Мост“, е подметнат и во моментов екипи од затворот го истражуваат случајот, а за истиот е известен и јавен обвинител. Неофицијално дознаваме дека во келијата каде настанал пожарот имало 4 притвореници, а вкупно во одделението имало 18 притворени лица.

„Службените лица од  КПУ Затвор Битола најпрво со ПП апарати пробале самите да го изгасат пожарот, но бидејќи не успеале веднаш почнале со евакуација на 18 притворени лица кон шеталиштето за притворени и повикале надворешно обезбедување-СВР Битола, пожарна и брза помош. Пожарот бил за кратко време локализиран. Дел од вработените лица биле упатени на превентивни прегледи во Клиничката болница во Битола, при што за среќа нема повредени притворени и вработени лица од Установата“, велат во денешното соопштение од Управата за извршување на санкциите.

За кратко време пристигнала и екипа на ТППЕ Битола и огнот е бил изгаснат. Но поради тоа што системот за вентилација бил од затворен тип чадот за кратко време се проширил низ целото притворско одделение.

„Од наша страна е веднаш интервенирано излезени се 2 возила со 6 пожарникари, поради големата концентрација на чад ние се задржавме нешто повеќе, но опасност од проширување немаше, се исчистија просторииите се извентилираа, од наша страна е брзо завршена работата без последици“, истакна Горан Димкоски, заменик командир на ТППЕ Битола.

Директорот на Управата за изрекување на санкции, Јовица Стојановиќ, ги демантира шпекулациите дека станува збор за некаков бунт во затворот и истакна дека доколку се потврдат нивните сомнежи дека пожарот е подметнат ќе следеле соодветни санкции за лицата кои го направиле тоа. Инаку додека да се санираат штетите од пожарот во притворското одделение во Битола 18-те притвореници се разместени во други вакви одделенија и тоа 4 притвореници во затворот во Охрид и 14 во затворот во Скопје. По санацијата на келиите истите ќе бидат повторно вратени во затворот во Битола.

Неофицијално дознаваме и тоа дека надлежните за случајот го известиле и Народниот правобранител за да и тој ја испита целата ситуација. Според вработените во битолскиот затвор ова не е прв ваков случај, во последните години досега се имало случено неколку пати да бидат опожарени келиите во притворското одделение.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи