ЕУ: Ако нема уставни измени на Македонија и се заканува изолација

Да се одложи усвојувањето на уставните амандмани ќе значи да се одложи пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија. Би било штета, Скопје откако истрча еден тежок маратон да се сопне на последната пречка, беше пораката која ја испратија тројцата министри од Вишеградската група, односно министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка во име на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел.

„Нема време за губење. Би сакал да продолжите со потребните уставни измени за да почнете со преговорите за членство. Да се одложи усвојувањето на амандманите значи да се одложи пристапувањето на Maкедонија во ЕУ. Би било штета Скопје откако истрча еден тежок маратон да се сопне на последната пречка. Ако не ги прифати уставните измени и не продолжи да оди по европскиот пат -Македонија се соочува со опасност да биде изолирана. Треба да се биде политички одговорен и да се имаат националените интереси пред сè, а не партиските интереси. Моментот е сега. Ве уверувам дека не се мешаме во внатрешните работи на земјата, решение може да дојде само од Македонија. Сега е време кога треба стратешки да се размислува, ова е и порака за нашите пријатели од Бугарија – надминете ги билатералните прашања“, изјави австрискиот министер Александер Шаленберг.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи истакна дека министрите од Вишеградската група дошле да укажат дека процесот е кредибилен и со гаранција дека жртвите кои ги правиме ќе се исплатат со членство во ЕУ, но и дека не постои трета опција, односно или уставните измени ќе поминат или ќе ги прекинеме преговорите со ЕУ.

„Нивната посета, тие се гости со мандат на ЕУ и нивната цел е да се покаже дека ЕУ стои зад договорот, односно преговарачката рамка и дека никој во идинина не може да ја менува рамката. Имаме две опции: или ги прекинуваме преговорите и велиме јасно не сме за ЕУ или завршување на уставните измени што побрзо. Ова е најјасно и треба да им оставиме да се видат со опозициските политички партии, да влезат амандманите во Собрание, граѓаните да ги прочитаат сами и после да одиме на гласање. Се гласа пред камери и секој ќе ја преземе одговорноста. Нема трета опција“, изјави Османи.

Според Османи кај народот постои фрустрација поради постојаните побарувања на отстапки од наша, која опозицијата сака да ја искористи за политички поени.

„Луѓето во земјава со право се фрустрираат затоа што ова е уште еден обид за менување на Уставот, по само пет години од уставните измени за менување на името на државата, затоа граѓаните имаат чувство дека целта постојано се движи. Опозицијата ја користи таа фрустрација на граѓаните и сака да ја претвори таа фрустрација во политички поени за нив. Но, тоа не е правично во однос на геостратешката ситуација“, изјави Османи.

Во рамки на дипломатската посета тројцата министри попладнево се среќаваат и со претседателот Пендаровски, спикерот Џафери и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, а ќе имаат одвоени средби и со пратеници од опозицијата и од владеачката коалиција.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи