Се наоѓаме пред планинарскиот дом „Томе Темелкоски“ на Селечка Планина. Пред да започнеме со денешниот разговор, морам да кажам дека за жал во денешно време се поретко имаме луѓе кои што прават општокорисни работи, општокорисни дела од кои потоа ќе имаат бенефит сите граѓани. За жал некако самото време не‘ натера да правиме само некакви индивидуални работи и да гледаме само за себе. Но за среќа тука во Прилеп ги имаме дечките од Прилепски планинари авантуристи и момците од ПСД „Момата“ кои пред неколку денови направија една поголема реконструкција на овој планинарски дом кој се наоѓа веднаш позади нас, а е изграден во 2011 година од човекот чие име го носи, односно Томе Темелкоски. Тука денес со мене се Владимир Јованоски, Тони Ристески и од мојата десна страна Горан Бошески кои учествуваа во таа акција на реновирање на овој дом.
Ќе започнам со Владимир Јованоски. Господине Јованоски од оние фотографии кои имавме можност да ги видиме и на социјалните мрежи, а кои потоа ги доставивте до нашата редакција на маил, навистина е импресивно кога се гледа како со целиот ваш ентузијазам, со цели шпориња и вреќи цемент качени на грб доаѓате тука за да се направи таа реконструкција на овој дом, за што гледачите ќе имаат можност и од снимката што ќе оди во позадина да погледнат дека навистина патеката од Прилеп до тука е навистина тешка?
Јованоски: Како најпрво да се надоврзам на тебе, планинарскиот дом „Томе Темелкоски“ е започнат со изградба од 2005 година, завршен 2010, за веќе од 2011 година да е ставен во функција како планинарски дом, но од причина што во домот нема домар, едноставно тоа е планинарска куќарка. Градена од Томе Темелкоски, заедно со неговата пријателка планинарка Виолета, или Летка попозната кај нас планинарите. Од таа година, 2011 година Томе починува и домот е оставен на повеќето планинари ентузијасти во градов и веќе можам да кажам дека до 2017 имаше некои активности во допизградба, надоградба на планинарскиот дом „Томе Темелкоски“, а од тој момент од 2017 веќе стагнира секаква санација на домот. Годините си го направија своето, местото е планинско, временските услови, настапи големо уништување на планинарскиот дом. Во 2017 година имавме една планинарска акција во која собравме над 30 вреќи смет, ѓубре, отпад, непотребни работи од и тогаш дојде до мало запустување на домот. Истото го увидовме оваа година дека веќе домот е во распаѓање и решивме со повеќето планинари од нашиов град да направиме планинарска акција за санација на самиот дом. Идејата дојде на маршот за Томе Темелкоски кој го правиме секоја година традиционално на Томина недела и решивме баш на тој марш да собираме донации од парични или материјални средства, кој како може да ни обезбеди некако за да започнеме со санација на домот. На самиот марш се собраа доста средства парични, материјални имавме и спонзорства, Кирил Јандреоски наш колега планинар кој доста има работено во домов ни ги обезбеди шпоретите кои пред 1 месец ги искачивме горе, можете на снимките да се види дека патеката стварно е тешка, а шпоретите се исто така големи и тешки. Исто така по истата таа патека беа качувани цементот, вар, поликолор, сите материјали беа качувани на рамена и сето тоа кога се донесе за етапно да се почни со санацијата на домот. Прва санација беше варосувањето, значи се варосуваше, се лакираше, дограмата се мачкаше со боја, се санираа ѕидовите со хидромал, беа искачени шпоретите на дрва, сите шпорети беа обезбедени со нови бории, беа заштитени со огноотпорен заштитен спреј за поголема трајност да имаат и да не скапуваат брзо. Втората фаза беше пред некаде 3 недели, веќе беше доработувањето на дограмите, внатрешниот дел, мачкање на самите клупи и маси, лакирање и претпоследната акција ја имавме сега пред неколку дена со санација на скалите, која беше една од потешките, а можеби и најтешка затоа што скалите веќе беа доста оштетени и беа пред распаѓање. Решивме со момците од ПСД „Момата“ заедно да качиме цемент, да мешаме малтар на раце и скалите да ги санираме, да ги обезбедиме за понатамошна употреба и полесно искачување на вториот спрат во домот. Последна акција ни остана уште средувањето, генералка на чистење на домот, на прозорите, трпезаријата, симнување на непотребни ствари во домот како прибор за јадење, работи кои не се потребни, кои не се во употреба да ги симниме долу за да не даваат грда слика на домот.
Тони колку километри има од Прилеп, односно местото од каде рачно се качуваат сите овие материјали и работи што ги наброи Влатко па се до тука?
Ристески: Од Селце до домот има околу 3.5 километри.
Дали се знае висинската разлика?
Ристески: Околу 600 метри, од 800 на 1300-1400 метри.
Колку е тешко да се искачат сите тие ствари рачно тука до домот?
Премногу тешко, треба добра кондиција.
Ристески: Колку денови ги искачувавте, колку денови траеше целата акција?
Секој ден различно, трите акции 3 дена. Цементот еден ден, шпорињата еден ден, поликолорот и хидромалот еден ден, три дена.
Горан како што кажав во самата најава, за жал денес многу ретко имаме вакви позитивни примери каде луѓето прават нешто за бенефит на целото општество. Од каде овој цел ентузијазам да се санира овој дом и на некој начин да се продолжи сонот на Томе Темелкоски прилепчани да имаат планинарски дом, затоа што после пожарот на планинарскиот дом „Дервен“ ние освен овој објект позади нас немаме друго место?
Бошески: Со самото качување да планинариме, како одминува времето така те привлекува планината, едноствано стануваш зависен. Ние овој планинарски дом го користиме буквално 12 месеци во годината, што значи и во ладниот зимски период, и во екстремни услови користи за нас, ќе се прибериме внатре, ќе запалиме оган, ќе седниме, ќе се напиеме нешто, ќе се подружиме. За сета работа да излези вака Влатче е главниот виновник, идејата беше негова, ние се дружиме често со планинарењето, му дадовме целосна поддршка, стоевме на располагање во секое време за сакаква потреба, одлучивме и го направивме, што викаат старите ако одлучи човек се‘ ќе направи, дури не одлучи нема да направи. Така и ова беше едноставно, видовме мака, но како што рековме ако се прави со волја и поготово ако е од општествена одговорност за луѓето, бидејќи овде во текот на годината идат премногу луѓе и кога ќе дојдат сите уживаат во убавините. Дури и навечер идат помлади деца, ќе седнат, особено сега кога се наместија рефлекторите со панелите и ние имаме дојдено навечер, тоа е убавина, како да си в чаршија, како да седиш во некој парк, свежо и убаво место. Самото по себе те привлекува кога идиш и едноставно така дојде идејата и така се реализира.
Мислам дека оној ковид период беше еден пресуден период кога луѓето почнаа повторно да доаѓаат во природата, повторно да го имаат тој допир со природата, со убавината, особено во викенд тука навистина има многу народ, дали имате некаква статистика бидејќи скоро секоја недела, често сте тука, колку е Селечка Планина, но и овој дом посетен?
Бошески: Влатко е еден од постарите, поискусните планинари, ние сме од поновите планинари последниве 3-4 години. Точна ти е таа констатација, за време на ковидот овде како што беше забрането и бегавме еден од друг дојде овде да бегаме, премногу беше посетено. Статистика кој може да ти кажи, но идат доста, секој еден што ќе посака да дојде на Селечка Планина симболот за планината е „Томов дом“. Има доста убави места на Селечка Планина, но некако се испоставува дека ова место има и доста убави моменти од долу кога идите, карпите „Момата“, „Желката“, горе „Устрелец“ е многу убав споменик во чест на прилепските бранители кои загинаа на Карпалаг, така да многу убаво, живописна природа, чешми, многу добри патеки, во зависност од тоа што викаме ние каков планинарски филм имаш зацртано, дали сакаш подолга патека да изодиш, понапорна, потешка и според тоа си планираш, има патеки колку сакаш, планината е доста богата и со вегетација и со сите работи, едноставно е за уживање.
Токму така, навистина Селечка Планина е еден прекрасен предел во близина на Прилеп. Влатко колку соби брои домот „Томе Темелкоски“ и дали има можност за спиење, човек доколку сака да остане тука, да преспие ден-два?
Јованоски: Планинарскиот дом „Томе Темелкоски“ се состои од 3 соби кои се наоѓаат на вториот спрат и една поголема трпезарија која е токму зад нас. Моментално од трите соби само во едната има 2 кревети, кои не се баш во некоја голема функција, но во идно време планираме доколку најдеме некоја инвестиција или некој најави да донира било какви кревети да се донесат баш во собите, да се зголеми капацитетот во домот за да можат планинари од другите градови или соседните држави да дојдат и да има каде да ги сместиме, бидејќи Селечка Планина како што кажа Горанчо има многу патеки до самиот дом, да тргниш има 10 патеки на многу убави места за да излезиш.
Кои се идните планови?
Јованоски: Идните планови за домот моментално ни се да ги покриеме скалите, да ги заштиме од понатамошни оштетувања бидејќи е планина, во зима снегот, мразот и водата ги јадат скалите. Планираме да наместиме ограда покрај нив за постари планинари кога идат да можат слободно да се качат на горниот спрат. Планираме да обезбедиме барем панели за струја колку да можеш нешто радио или телефон да наполниш и како што кажавме претходно да обезбедиме барем уште двете соби горе да ги обезбедиме со легла, да има 10-12 легла колку да можеме планинари од другите градови ако сакаме да ни дојдат да има каде да ги сместиме.
За крај кој е твојот апел до прилепчани, до младите, но и до бизнис секторот кој ете може да помогнат да се остварат сите овие цели?
Јованоски: Како најпрво до младите и до сите посетители на домот даваме апел да се одржува домот, да не се уништува, секој што иди горе се‘ што остава од отпад страна да си го симнува долу бидејќи овде нема „Комуналец“, никој не доаѓа да го симни тој отпад. До бизнис секторот ги замолуваме доколку се во можност, кога сакаат можат да донираат средства, било материјално, било парични, значи сите ќе бидат вложени, едноставно да го зачуваме домот за понатамошни употреби, бидејќи еден дом го имаме во градот и најпаметно е да го заштитиме и да го зачуваме.