Дека градењето на прекрасни цркви и манастири во Македонија, уште од најраните денови на христијанството па се до денес, е наша исконска традиција доказ е манастирот Свети Петар и Павле кој се наоѓа на околу 5 км. од славното село Смилево, во Општина Демир Хисар. Сместен во пазувите на планината Бигла на 1.300 мнв, стариот манастир Свети Петар и Павле тука бил изгреден во 1870 година од страна на Петре Гарски, а бидејќи бил надлежен старешина на манастирот од тогаш го носи и презимето Егуменовски. Починува во 1904 година и е погребен во самиот манастир.
„После неговата смрт што се случува со манастирот?
После неговата смрт служат селаните, исто е посветен на светците Петар и Павле и го празнуваат празникот Петровден на 12 јули.
Ние во моментот се наоѓаме на местото каде тогаш била таа стара црква кога функционирал манастирот за време на неговиот градител?
Точно така, некаде 2000 година е почнат со градба новиот манастир, на истите темели само со поголема квадратура. Градбата траеше до 2018 година, кога веќе и се освети новиот манастир, на 13 мај 2018 е осветен манастирот и 13 мај се празнува како ден на манастирот, има вечерна и утринска литургија, исто како и за Петровден кога има вечерна и утринска литургија.
Значи славата на манастирот е на празникот Петровден, додека друг значаен датум е 13 мај кога е и осеветен манастирот?
Да, 13 мај по повод осветувањето на манастирот.
Како што кажавме, се наоѓаме на местото каде што била старата црква, сега новата црква е со многу поголеми димензии и обем. Гледаме дека тука скоро се е ново, иконостасот, фреските?
Стариот манастир не бил фрескоживописан, туку имал иконостас и истите икони се останати и во новиот манастир, со тоа што е изграден нов иконостас. Овде можат да се видат старите икони од претходниот манастир, но иконостасот, резбата се нови. Воедно и фреските се нови, сега е фрескоживописан, со тоа што се прават напори целосно да се заврши фрескоживописот во манастиров“, истакна Ѓорѓи Коштрески, жител на с. Смилево.
Сегашниот манастир е изграден со голема помош на верниците како од Македонија, така и од Македонците од дијаспората. Освен црквата жителите на Смилево се потрудиле прекрасно да го уредат и манастирскиот двор, но и делот пред манастирот во блиската шума каде се изградени голем број летниковци за да може да одморат посетителите кои ќе дојдат тука. Се планира во иднина тука да се изгради и место каде ќе бидат поставени скари и фурни за подготвување на јадење на посетителите.
„Дворот по иницијатива на црковниот одбор пред 3 години е почнат со уредување, доста работи недостигаат, но сме во план целосно да се доуреди, а воедно сакаме и на фасадата на манастирот да се направи мозаик со ликот на Св. Петар и Павле. Исто и недостатоците во дворот да се доуредат“, додаде Коштрески.
Манастирот го посетуваат голем број верници како од нашата држава така и од странство. Тие исто така може да останат и да преспијат во конаците кои се изградени во 1970 година, а со изградбата на новата црква пшосле 2000-та година истите се обновени.
„Гледаме тука исто така има и манастирски конаци, дали може да се престојува и што треба еден посетител доколку сака да направи да остане неколку дена во манастирот?
Манастирските конаци бројат некаде околу 17 соби со 36 легла. За верниците кои сакаат да престојуваат во конаците престојот е слободен, не се наплаќа, туку се остава на самиот верник колку сака да остави за здравје за него, за фамилијата.
Дали треба да се обратат некаде, да се јават на некој телефонски број или можат слободно да дојдат, секој ден манастирот е отворен?
Можат слободно да дојдат, секој ден манастирот е отворен, сигурно дека ќе сретнат некој од селаните овде кој ќе биде во кругот на манастирот и можат да побараат соба да им се отвори, да им се даде клуч.
Дали е определен престојот колку денови може да се престојува тука?
Престојот не е опреден, кој колку сака може да престојува, еден викенд, два, недела, тоа не е проблем“, кажа Коштрески.
Манастирот поседува 17 соби со 36 легла. За сите оние кои не го посетиле еден од најубавите и најчистите краеви во Македонија, манастирот Свети Петар и Павле нека биде причина овој регион да биде вашата следна дестинација. Во Смилево пак може да го посетите и Музејот посветен на Смилевскиот конгрес и настаните поврзани со него.