Синдикатот на Управата за јавни приходи (УЈП) постигна договор со раководството за исполнување на нивните барања. Детали засега нема, но она што го бараа вработените е почитување на колективниот договор и зголемување на платите за 30 проценти.
Како што информира директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска договорот е постигнат во петокот со посредство на медијаторот Илија Манасиев.
„Во петокот беше потпишан колективен договор меѓу синдикалната организација и УЈП и беше добиено позитивно мислење од Министерството за финансии“, рече Лукаревска.
Во изминатиот период вработените во УЈП протестираа и најавија генерален штрајк. За помирувач првично беше назначен Лазар Јовевски кој побара иземање затоа што не беше во државата, по што на негово место беше назначен Илија Манасиев.