ВИДЕО – Трпковски: Да се обединиме и да си подадеме рака за смирување, за младите да ни останат дома, бидејќи утре нема да има кој да не пречека

Оваа година се одбележуваат 45 години од постоењето на здружението „Илинденски марш 78-ма“, од скопско Лисиче кои се и најстарата коњаница која пристигнува за Илинден во Крушево. Со текот на годините се појавија повеќе вакви движења од неколку региони на Македонија, но „Илинденски марш 78-ма“ е пионерот на ваквиот вид на чествување. Поради овој нивни јубилеј поразговаравме со Гоце Трпковски, организатор на коњаницата и ова здружение, околу тоа како настанал овој марш, кои се предизвици ги имаат коњаниците додека јаваат од Скопје до Крушево како и тоа која е пораката која ја пренесуваат.

Господине Трпковски оваа година како здружение одбележувате 45 години од постоењето, односно од првиот марш кога се направил во далечна 78-ма година од скопско Лисиче па се до Крушево, во чест на Илинденците и на овој празник. Како започна оваа традиција?

Пред се сакам од мое име и од името на сите коњаници да им се заблагодарам на тројцата лисичани Гоце Стефковски, Борис Змејковски и Борче Стефковски кои пред 45 години го започнаа овој илинденски коњички марш, оваа наша илинденска епопеја, оваа наша македонска традиција. Ние сме единствена коњаница, односно единствен илинденски марш на Балканот, односно и во Европа вакво нешто нема. Знаеме во 78-ма година трите млади момчиња на коњи за прв пат со идеологот Пандил Стефковски тргнаа за Крушево да се поклонат на починатите Илинденци, на борците за независна обединета Македонија и така еве денеска ние после 45 години, втората, третата генерација на лисичани, на Македонци, на скопјани, веќе имаме од сите страни коњаници, го одбележуваме овој голем ден, голем настан во чест на големиот македонски празник 2 Август Илинден, во чест на 45 годишниот јубилеј на Илинденскиот марш. Како што напоменав и претходно гледаме дека коњаници има од цела Македонија, веќе таа наша идеолотија која ја поставија тие тројца Македонци, наши тројца лисичани 78-ма година веќе се шири и секоја година се поголем и поголем интерес има кај младите, кај Македонците да учествуваат на овој Илинденски марш.

Оваа година колку членови брои Илинденски марш 78?

Значи најстарото здружение Илинденски марш 78 брои 36 коњаници, 36 од Горно Лисиче и тројца се приклучија од Свети Николе, наши пријатели. После Свети Николе околу 15 луѓе се од здружението Илинденски марш од Козица, кичевско, потоа Битола, Струмица, има уште неколку групи од цела Македонија, меѓутоа фактички ние сме идеолозите, носителите на оваа приказна. Инаку како коњаница од Горно Лисиче се 36, од кои 3 девојки.

Гледаме дека заинтересираноста е голема, како може еден човек кој сака да биде дел од маршот да биде дел од него, дали имаме некаква селекција, дали треба да исполни некакви критериуми?

Па вака, здружението Илинденски марш претходно ги објавува своите планови и програма за работа за 2024 сега конкретно, или 2023 сега и почнуваат оние втора фаза подготовки од крајот на мај и почекот на јуни кога се објавува оглас и конкурс на коњаници. Знаеме дека таму треба да учествуваат луѓе кои ја сакаат идеологијата, кои ја сакаат Македонија, кои имаат мерак и љубов да го одбележат Илинден, да бидам најискрен внимаваме да не пуштиме коњаници кои имаат пороци, зависности, нека простат и останатите ние не поддржуваме ЛГБТ заедница, се знае дека Илинденскиот марш е Илинденска коњаница која прилега на комитите, на Илинденците, така да неколку скалила треба да се помине за да се дојде до онаа фаза да бидеш примен во Илинденскиот марш. Почетокот на јули месец почнува онаа завршна фаза со тренинзи на територија на општина Аеродром, на територија на општина Кисела Вода и град Скопје, за да се привикнат коњите со коњаниците, бидејќи знаеме дека денес помладите луѓе помалку имаат допирна точка со коњи, со опрема за коњи. Логистиката се припрема за храната, за облеката, за седлата, за носијата и знаеме на 27 јули со дефиле од општина Аеродром, во дворот на црквата Св. Петар и Павле започнува манифестацијата Илинденски марш. Морам да кажам една голема благодарност до сите оние општини и градоначалници, пријатели, месни заедници и села кои што несебично не‘ поддржаа како Општина Аеродром, Петровец, Велес, Теово, Чашка, Ропотово, денеска Кривогаштани, Прилеп и еве сега се припремаме за свечено влегување во Крушево. И многу други компании и фирми, бидејќи сепак толку луѓе, коњаници да се нахранат, да се обезбедат средства за нив, коњи, облека, логистика, треба време, требаат средства, но ние како здружение досега успешно се бориме тоа да го завршиме.

Колку километри поминавте од Скопје до тука, колку денови и со кои предизвици се соочувате како коњаници на патот од Скопје до Крушево?

Околу 180 километри има до Скопје до Крушево на коњ, ние и малку кратиме, но времето некогаш се погодува подобро, оваа година малку полесно поминавме, немаше некои големи горештини, не беше ни ладно, но припремите додека траеја во Скопје имаше 42 степени температура и беше многу тешко да се вежба, но Господ ете ни помогна да до денес го поминеме овој пат малку послесно. Имало години кои биле многу дождливи, пред 4-5 години од 4-5 дена јавање 4 дена бевме под вода. Ние имаме една цел, идеологијата не‘ води, меракот кон Крушево, почитта кон Илинденскиот марш и едноставно ние кога се спремаме и ќе тргнеме знаеме дека може да бидат и големи дождови, може да има големи горештини, но тоа веќе го забораваме, го тргаме на страна, нашата света цел е да дојдеме на Мечкин Камен, на Гумење, да положиме цвеќе на паднатите борци, да оддаеме почит на сите оние Македонци кои го дале животот за Македонија, за слободна Македонија, за независна Македонија, да подадеме рака за смирување кај Македонците затоа што многу сме разединети, многу сме раскарани меѓу себе, сепак Илинден да донесе здравје, да донесе единство, да се вразумиме сите еден према друг, да не грешиме према државата, да си ја сакаме затоа што немаме друга резервна држава. Сите наши комшии имаат по некоја резервна држава, ние немаме и затоа сакам политиката овој пат да ја тргнам на страна, македонскиот народ да си биде обединет, да ја сака оваа држава.

Како ве пречекуваше народот сите овие денови на овој пат, како реагираше, каде преноќувавте?

Може ние да зборуваме колку сакаме, убаво вака што ги запознаваме гледачите, но најдобрата приказна е да дојдете на коњ и во секое населено место кога ќе видете како македонскиот народ ве пречекува, цело село, постари луѓе, помлади, едноставно вика да застанете и да се напиете една водичка, едно кафе со големо воодушевување. Има неколку пунктови, точки, каде се прават големи прослави, како селото Теово, вчера во Ропотово, денеска во Кривогаштани, исто и градоначалникот на Петровец организира голем пречек. Дури и кога тренираме неколку дена пред тргнувањето населените места околу Лисиче како што е Усје, Драчево, Горно Лисиче, правиме мали, кратки собири, но душата на македонскиот народ е Илинден. Некој можеби сака таа работа да ја стави под тепих, некој можеби сака да направи паралелна коњаница, некој сака да направи некој циркус Медрано со коли и камиони, меѓутоа народот наш си го сака Илинденскиот марш, каде и да одиме, каде и да поминуваме се гледа од друша и од срце. Морам да кажам голема благодарност и до МПЦ која несебично не‘ помага, како наш покровител црквата Свети Петар и Павле и одборот што е во црквата, но посебна благодарност сакам да упатам и до поглаварот на МПЦ, како што кажав имаме одврзани раце во секој манастир и во секое населено место. И да не заборавам, после многу години застој почна повторно Министерството за култура минимално финансиски да не‘ помага за оваа приказна.

Како што спомнавте на почетокот, вие бевте мотив да се јават вакви здруженија од повеќе региони од Македонија, каква е соработката со нив, дали имате некаква соработка при доаѓањето тука во Крушево?

Како што реков прееска нашата цел беше да има коњаници од цела Македонија, што повеќе, што повеќе Македонци и повеќе Македонци од дијаспората кои имаат и такво учество земено досега. Во глобала ни се добри соработките со останатите здруженија, сега како што гледате полека се собираме сите тука, другите ќе бидат малку погоре пред градот и сите заедно свечено ќе влеземе во градот Крушево. Нормално, повеќе здруженија, повеќе суети, повеќе табиети, но имаме иста цел, знаеме да избалансираме, знаеме и да ги посоветуваме секој до каде му е местото, имало ситни потрзавици, но ние сме Македонци и затоа им подаваме рака на сите да ја истераме работата, во глобала е ок.

На еден начин вие станавте и заштитниот бренд на одбележувањето на Илинден во текот на овие години, така и со вас започнува главната прослава на 2 август точно на Мечкин Камен.

Ако зборуваме реално и на 100 годишнината кога беше покровител покојниот претседател Борис Трајковски, па и сега, секоја група, секој култен настан си има своја тежина и своја приказна. Но Крушево е незамисливо без Илинденскиот марш, ако не е коњаницата нема да го има оној драж македонски и комитски, како во градот Крушево, така и на Мечкин Камен. Ние оваа година исто така ќе учествуваме и на 10 дена Крушевска Република во програмата, на 1 август ќе положиме цвеќе на гробовите на Питу Гули, на Никола Карев, на Тоше Проевски, на останатите македонски патриоти, на Слива исто така полагаме цвеќе. И на 2 август со Господ напред тргнуваме кон Мечкин Камен, сите полагаме цвеќе таму и повлекуваме назад кон Крушево. Понатаму другиот дел од програмата не можеме да ја ислушаме затоа што коњите се веќе во голема бројка и за да не направат некој инцидент се повлекуваме назад кон езерото во Крушево, каде имаме наш објект поклон од чичко Борче Карев кој оваа година поради здравствени проблеми не може да не‘ пречека, тоа е аманет од неговиот татко Владо Карев.

Зборуваме за внуците на Никола Карев?

Да, исто така ни поклонија земјиште каде направивме објект, таму ни е базата, можете кога сакате да дојдете и да не посетите, тоа е на коњаницата, на црквата.

Еве за крај, 120 години подоцна стоиме на местото каде се одвивал еден значаен дел од нашата македонска историја. Која е вашата порака денес, 12 децении после тоа?

Морам да кажам од мое име, од името на основачите на Илинденскиот марш, од името на коњаницата, на здружението, сакам да им го честитам 2 Август, најголемиот македонски празник Илинден на сите Македонци каде и да се, да си ја чуваме Македонија, да си простиме на гревовите кои сме ги направиле према нашата држава, затоа што имаме и вакви и такви личности во државава, да ни опстане државава и младите да ни останат во држвата, затоа што ако го продолжиме овој тренд ќе нема ни кој да не пречека и ќе неме со кој кафе да пиеме. Затоа уште еднаш, да живее Македонија, да живее Македонија обединета во обединета Европа.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи