Руската Федерација денес во Прилеп го одбележа 1 Август, Денот на сеќавањето на руските војници кои загинаа во Првата светска војна, со полагање на цвеќе на Рускиот крст на Германските гробишта во Прилеп, каде се погребани 10 руски војници.
Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација истакна дека Русија дала најголем број жртви за време на Првата светска војна.
„Од почетокот на Првата светска војна во Русија денес се слави Денот на сеќавањето на руските војници кои загинаа за време оваа војна, првата трагедија од светски размери. Загубите на руската армија во споредба со армиите на другите учесници беа за жал најголеми, 2.2 милиони загинати и 3.7 милиони ранети. Меѓу нив се и 5.000 наши војници офицери на втората и четвртата специјална бригада на источната армија на Антантата, 10 од нив се погребани на овие гробишта. Исполнувајќи ја сојузничката должност на Солунскиот фронт од 1916 до 1918 година тие загинаа со храбра смрт, покажувајќи примери на храброст и смелост, својствени на руските војници од памтивек“, рече Баздникин.
Амбасадорот посочи дека Русија цврсто ќе ги брани своите интереси и направи се’ што е потребно за сигурно да ги обезбеди суверенитет и безбедноста вклучително и на сојузниците и да ги заштити легитимните права на руските граѓани и сонародници.
„Вистинскиот хероизам достоен на големите предци денес јасно ги покажуваат руските војници кои успешно ги извршуваат задачите во текот на специјалната воена операција за заштита на Донбас и се спротивставуваат на византропската идеологија на неонацизмот, која се вкоренила во украинската почва. Русија цврсто ќе ги брани своите интереси, ќе направи се што е потребно за сигурно да обезбеди суверенитет и безбедност, вклучително и на нашите сојузници и да ги заштити легитимните права на руските граѓани и сонародници. Имаме можност за ова и во врска со ова не треба да има илузии“, рече рускиот амбасадор.
Бадникин потенцираше дека Русија останува отворена за соработка со сите земји доколку постојат принципите на взаемно почитување, вклучувајќи ја тука и Македонија.
„Отворени сме за нормална соработка со други земји, исклучиво врз основа на реципроцитет, што претпоставува почитување на познати и разбирливи принципи, еднаквост и земање во предвид на интересите и на едни и на други. Се разбира, ова важи и за Северна Македонија, нашите народи се врзани со вековни врски на пријателство и меѓусебно почитување, засилени со духовно и културно сродство и заеднички словенски корени. Чувствуваме пријателски односи и симпатии кон Русија, искрено сме им благодарни на сите. Сигурен сум дека тоа може да стане основа за обновување на врските кога за тоа ќе се појават поволни услови. Ние сме многу благодарни на жителите на Прилеп за нивниот внимателен однос кон споменикот на руските војници, денешниот настан го сметаме за добар пример на заеднички напори за зачувување на историската меморија за нивниот славен подвиг“, додаде Баздникин.
На одржаната панихида и полагањето на цвеќиња на Рускиот крст на Германските гробишта во Прилеп учествуваа и преставници од Советот на Општина Прилеп и од Македонско руското друштво Прилеп.