ВИДЕО – Христоски: Напред можеме само сплотени заедно, да ги почитуваме идеалите на предците, но и да работиме за сегашноста и идните генерации


Почитуван претседател на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, почитувани претставници на Владата и Собранието на Република Северна Македонија, почитувани членови на Советот на „Десет дена Крушевска Република“, почитувани членови на Советот на Општина Крушево, почитувани присутни, драги сограѓани, добронамерни и секогаш добредојдени посетители на Крушево, браќа и сестри, Добровечер од Првата Република на Балканот!  Добровечер од Крушево – Градот на културата за 2023 година! Вака го започна својот говор градоначалникот на Крушево и претседател на НКС 10 Дена Крушевска Република, Томе Христоски.

„Во предвечерието на Денот на македонската државност, 2.август, оддаваме длабока  почит на нашето херојско минато. Точно пред 120 години, нашите славни предци-револуционери од Илинденското востание и од заседанието на АСНОМ, ги поведоа граѓаните кон слобода, независност и единство, и ги поставија темелите на современата, независна и суверена македонска држава, денес признаена од целиот свет. Илинден беше и засекогаш ќе биде светилникот што го покажува правецот кон сигурната иднина, Илинден е симбол за победа за сите оние кои се движат напред. Илинден е и ќе биде нашата сила за светла, европска иднина за сите граѓани на Република Северна Македонија! Затоа што денес македонскиот глас ечи посилно од било кога!

Народе мој!!! Крушево денес чекори по европски пат, бележиме големи и рекордни промени кои секојдневно тука се случуваат!

Нашата отвореност за прогрес, нашата транспарентност во работата, заедно со Владата на Република Северна Македонија и со европските фондови овозможуваат секој ден да го градиме и развиваме Крушево. Денес сме „Топ 3“ дестинација за параглајдинг во светот, општина која е дел од престижната „Супербрендс“ листа, посакувана дестинација за сите четири сезони во годината. Град кој лежи на историја, со воодушевувачки пејзажи и богато културно наследство, бисер кој ги плени срцата на сите кои ја имаат можноста кога веќе еднаш ќе дојдат тука – секогаш и повторно да ни се вратат.

Ние Крушевчани го живееме Илинден како постојан порив кој е кодиран во духот кај Македонците, Албанците, Власите, Ромите, Турците, Србите, Бошњаците, и кај сите кои живеат, творат и се борат за подобро утре во нашата татковина, во нашиот дом. Напред можеме само заедно, со заеднички сили, меѓусебна толеранција и со сите заложби и идеали кои се трајно запишани во Крушевскиот манифест. Аманетот од и Илинденците е да бидеме горди граѓани на оваа држава и да чекориме напред и да работиме за подобро утре!


Денес како членка на НАТО и со сигурен пат кон Европската Унија, ги остваруваме отсекогаш посакуваните европски вредности за современ живот и економски, социјален и културен напредок. Ако вистински зборуваме, се повикуваме на Крушево како столб на републиката, Ве повикувам сите вистински да се вложиме за да направиме вистинска приказна, град за пример кој се гради и развива. Тоа е вистински патриотизам!

120 години по историскиот подвиг – востанието кое ја обликуваше нашата иднина – пред нас е уште еден Илинден и уште една голема  одговорност со која се обврзуваме да работиме за општина Крушево, за нашето херојско гратче! Наша должност, но и обврска е да ги почитуваме идеалите за кои се бореле нашите претци, да ја чествуваме историјата и историското минато, но и да работиме за сегашноста и идните генерации. Посебноста на нашиот град е во неговите географски и природни особености, потоа во богатата различност на сите етникуми кои живееле и живеат во Крушево, кои создаваат раскошна и величенствена оригинална крушевска етнолошка, културолошка и архитектонска извонредност се плодна основа за сеопштиот прогрес на Крушево – на малиот град со голема душа!

Богатството на Крушево треба да биде видено од патникот-намерникот кој доаѓа во највисокиот планински град на Балканот.  Преку низа планирани активности, проекти и реализација на конкретни чекори за инвестирање, со цврсти чекори одиме кон врвот на мапата на најпопуларни туристички дестинации во земјата, но и пошироко во регионот! Тоа што сме го наследиле од нашите предци, со внимание, со заеднички влог, но и со вера, надеж и љубов, треба да им го предадеме на идните генерации.
Одбележувањето на Илинден преку културно-научната  манифестација „Десет дена крушевска република“ е традиционално потсетување на Илинденското востание и на Крушевската република, националните симболи на херојството и борбата за државата. Денови кога го негуваме минатото, историјата, ги чествуваме Илинденците, но и денови на безграничната креативност кога градот ќе процвета во центар на уметнички потфати, настапи на разни изведувачи и културни ентузијасти. Преку внимателно избрана програма на настани, изложби, перформанси и работилници, Крушево ќе понуди разнобојна таписерија на искуства, кои ќе остават неизбришлива трага во срцата на сите учесници и посетители. И кога имаме ваква величенствена историја, ајде заедно да ја освежиме! Имаме традиција и културни вредности кои ќе ги промовираме заедно. Заедно имаме причина зошто Крушево да го направиме подобро и поубаво место живеење! И сите заедно да се водиме од начелата на Илинденците, да бидеме горди и да го покажеме нашиот патриотизам со вистинска почит. Крушево е жив тестамент на културата! Нека е ни е честит и вековит Илинден!

Ура за автономна Македонија! Почитувани, официјално ја прогласувам Манифестацијата НКС Десет дена Крушевска Република за отворена!“, истакна Христоски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи