Големиот македонски празник Илинден одбележан во Прилеп

Со полагање на цвеќе од страна на делегации на Општина Прилеп, Советот на Општина Прилеп, Сојузот на борци, политички партии и граѓани денес во Прилеп се прослави големиот македонски празник Илинден и се оддаде почит на прилепски дејци и револуционери, херои кои ги дадоа своите животи за слободна и незавсина Македонија.

Свежи цвеќиња беа положени пред спомениците на: Методија Андонов – Ченто, Кузман Јосифоски – Питу, Ѓорче Петров, Пере Тошев, како и на Могилата на непобедените. На тој начин градот денеска се приклучи кон чествувањето и одбележувањето на двата Илиндена, 120 години од Илинденското востание и 79 години од Првото заседание на АСНОМ.

„Чествувајќи го овој голем семакедонски празник, 2-ри Август – Илинден, Денот на Републиката, денеска им се поклонуваме и им оддаваме почит на Илинденците, на револуционерите од НОБ за нивната храброст и саможртвуваност за остварување на вековниот сон на Македонците – да живееме во своја, сопствена, независна држава Македонија.

Празнувајќи, денеска гордо им оддаваме почит на сите херои кои го дале својот живот за Македонија, затоа што сите тие ни оставиле вечен аманет, да ја чуваме и почитуваме нашата земја. Со нивната жртва тие ги поставиле и темелите врз кои опстојува и се гради денешната современа Република Македонија и тоа не смее да се заборави.

Денеска, одбележувајќи ја 120 годишнината од Илинденското востание и 79 години од Првото заседание на АСНОМ, даваме завет дека ќе ги чуваме и негуваме придобивките од Илинден и АСНОМ, бидејќи на тој начин ја чуваме и македонската држава, македонскиот јазик, традицијата и историјата.

Пожртвуваноста и храброста на Илинденците, а подоцна и на борците од НОБ претставуваат наша обврска која не‘ задолжува секогаш, а посебно во овие исклучително бурни времина за македонската држава – да стоиме цврсто на браникот на татковината и да ги чуваме илинденските идеали и заложбите на АСНОМ.

Денес како генерации имаме и нов историски предизвик, но и обврска кон идните генерации да создадеме национално достоинствена и меѓународно почитувана Република Македонија, која би чекорела напред кон економски, европски и демократски развој!

Слава им на хероите! Да живее Илинден! Да живее слободна, суверена и самостојна Република Македонија!“, истакна градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи