ВИДЕО – Пензионерите од Прилеп: Не сакаме да преживуваме, сакаме да живееме, нека пробаат функционерите да живеаат со овие пари


Не сакаме да преживуваме, сакаме да живееме. Нека пробаат функционерите да живеат месечено со примање од 13.000 денари, па нека кажат дали можат. Со овие пораки денеска револтираните прилепски пензионери одржаа мирен протест поради покачувањето на пензиите за само 6%. Наместо процентуално бараат линеарно покачување од 3.500 денари по пензионер без разлика на тоа колкава пензија зема.

„Да слушни Владата и министерката нека не се појавува да се срами со 6% зголемување на пензиите. Пензионерите не се треторазредна група, тие се жители на Македонија и тие треба да ги уживаат истите права како и другите жители на државата“, вели Верче Јанческа, пензионер Прилеп.

 

„Јас не сакам да преживувам, јас сакам да живеам, работев 40 години. И со тие 13.000 денари што ги земам јас не сакам да преживувам и јас сакам да си излезам, да си прошетам, да му купам нешто на внучињата, да отидам во кино, на театар“, додаде Вера Стеваноска, пензионер Прилеп.

 Пензионерите велат дека не може да има процентуално зголемување на пензиите кога трошоците на живот се пресметуваат исто за сите и цените на производите се исто за сите. Крајно се револтирани на огромното зголемување на платите на функционерите.

„Ние значи ниту во Африка нема како овде кај нас. Тие си кренаа 80% плати, нас ни даваат 6%. Што е ова? Лебот и за мене и за нив е ист, бензинот е ист, сите производи за сите се со иста цена. Велат работеле. Шо работат? Играат фудбал по канцеларии?“, Милан Пирганоски, пензионер Прилеп.

 

„Не се тука само лековите, тука се и сметките кои треба да се платат, каде е храната, каде се хигиенските потреби? И ние сме луѓе на кои им треба се. Со овие срамни пари кои ги земаме не се преживува“, истакна Вера Чакмакоска, пензионер Прилеп.

Ако не се исполнат нивните барања пензионерите најавија секојдневни протести. Во Општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени има околу 15.000 панзионери од кои над 50% земаат ппензија помала од 15.000 денари.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи