Две лица утрово загинаа во тешката сообраќајна несреќа која што се случи патот Росоман – Прилеп во близина на Камен дол. Според првичните информации во сообраќајката учествувале четири возила. Итната медицинска помош од Кавадарци интервенирала со три екипи. Според д-р Ратко Грков, началник на Итната помош, кај две лица лекарите констатираа смрт на самото место, а тројца потешко повредени биле транспортирани во Општа болница Кавадарци, од каде биле препратени во Клиничкиот центар во Скопје. Во интервенцијата се вклучиле и вработени кои што во топј момент не биле на смена, а кои биле подготвени да помогнат.
Интервенирала и противпожарната единица од Кавадарци со две возила и шест пожарникари, која поради сериозното оштетување на возилата употребила специјална механизација за да може повредените да бидат извлечени од автомобилите.
Како што соопштил портпаролот на СВР Велес Ристе Самарџиев, поради несреќата, сообраќајот на овој патен правец е во прекин, а сите возила се пренасочуваат преку Кавадарци.
Во моментов се уште трае увидот, а повеќе детали за сообраќајната несреќа се најавуваат за подоцна во текот на денот.