11 ден по ред прилепските пензионери го искажуваат својот револт и барања за покачување на пензииите со протести низ прилепските улици. Денеска тие ја блокираа раскрсницата кај поранешната фабрика „Солидност“. Велат дека ќе протестираат се до исполнување на барањата, иако голем дел од нив се болни и големи маки излегуваат на ова жешко време.
„Нека не не‘ залажуваат, она дека во моментот тие ќе ни ја поткренат пензијата од просечната плата и порастот на трошоците. Не, ние бараме толку скромно што она тие што сега ни го ветуваат процентуално зголемување, вчерашното или завчерашното покачување на цените ни го изеде“, кажа Верче Јанческа, пензионер.
„Да го поздравам премиерот и неговата министерка, како не им е грев, да се мајка му и татко му на нашево место овде, дали исто ќе се чувствува. Дијабетичар сум, овде има како што кажа Верче има и болни од срце, секакви не‘ има и за 3.500 молиме, луѓе молиме, ова не е ни со закон, ниту пак не‘ интересира партија, ништо. Нас стомакот и сметките не доведоа до овој степен“, истакна Билјана Шекероска, пензионер.
Велат државата мора да има пари за овие најранлици категории кои имаат примања со кои не може ниту да се преживее, а камоли да се живее.
„По 2.000 денари давам само за апчиња, а пензијата ми е 11.500 денари. Каде стасуваат, дали имам за јадење, дали имам за струја да платам, вода да платам“, рече Трајко Димески, пензионер.
„Да направи ребаланс на буџетот, во овој буџет може да се скинат сите тие набавки за луксузни фотељи, коли и што уште не. Тие ќе најдат од каде да се скрати буџетот, а да се даде на пензионерите“, кажа Ангеле Савески пензионер.
Протестите на пензионерите продолжуваат од понеделник.