„Креации од ноќта – уметност инспирирана од соништата“ е тематската изложба на дела од уметници, членови на ДЛУП, што ќе биде отворена на 01.09.2023, петок од 19.30 часот во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“.
„Низ вековите, научните и уметничките милјеа изразувале силен интерес за состојбата на сонување и таинственоста на сонот. Многубројни уметници, меѓу кои: Хиеронимус Бош, Франциско де Гоја, Вилијам Блејк, Џорџо де Кирико, Хуан Миро, Рене Магрит и Салвадор Дали, ја пронашле личната творечка инспирација во соновите и различните состојби на свеста. За нив, суштинското разбирање и интерпретирање на сонот преку визуелниот ликовен јазик претставува неодминлив и возбудлив предизвик. На тој начин, тие создале автентична и препознатлива сликарска иконографија. Предводниците на уметничките правци – дадаизам, магиски реализам и надреализам, извршиле големо влијание врз модерната светска и домашна уметничка сцена.
Во творештвото на претставниците на магискиот реализам (Анри Русо, Џорџо де Кирико и Карло Кара) основен предмет на интерес е фантастиката и метафизиката. Додека пак, предводниците на надреализмот (особено Рене Магрит и Салвадор Дали) во своето творештво ги применуваат најновите научни сознанија од областа на психоанализата (Фројд и Јунг) и ја проучуваат функцијата на сонот. Симболиката на сонот служела за одгатнување на психичката активност на потсвеста и начинот на којашто влијаела врз однесувањето на поединецот во секојдневието.
Овие уметнички правци претставуваат особен предизвик и инспирација за група современи уметници, односно членови на ДЛУП Прилеп. Имајќи ги во предвид нивните основни концепти и принципи, уметниците/учесници во текот на проектната активност создадоа уметнички дела во зависност од сопствениот уметнички афинитет и со помош на разни техники и материјали“, велат од ДЛУП.
На изложбата ќе земат учество околу 15 уметници кои се членови на ДЛУП.