Во близина на селото Жировница, изутрината ренџерската служба на Националниот парк „Маврово“ пронашла отстрелани мечка со две мали мечиња. Случајот е пријавен до сите надлежни институции, кои во моментов се на терен.
Полицијата прави увид, по што се очекува да се утврди дали се работи за намерен отстрел или нешто друго е во прашање.
Од Националниот парк „Маврово“ не сакаа да откријат детали за случајот додека не биде завршена истрагата.
„Денеска бевме запрепастени дека во село Жировница се убиени мечка и две мечиња. По пријава на националниот парк Маврово, Државниот инспекторат за животна средина пристапи на лице место, изјави Сретен Стојковски, директорот на Државниот инспекторат за животна средина.
Инаку Националниот парк „Маврово“ е природно живеалиште на кафеавата мечка, животно под заштита уште од 1996 година, додека со Законот за ловство од 2009 година нивниот лов е трајно забранет.