Училиште во Турција ќе го носи името Македонија поради солидарноста по земјотресите

Во турскиот град Малатија, кој беше погоден од катастрофалниот земјотрес во февруари годинава, се гради ново училиште кое ќе го носи името Македонија, додека 32-те училници ќе бидат именувани според македонски градови.

Училиштето се гради со помош на хуманитарните средства што ги собра Црвениот Крст по земјотресите кои ги погодија Турција и Сирија, при што е собрана донација на парични средства во вкупен износ од 63.380.807 денари, односно над еден милион евра.

Oд собраните средства, 12.427.334 денари, се испратени на сметката за Меѓународната федерација на Црвениот Крст и Црвената Полумесечина, за помош на настраданото население во Сирија, додека 50.909.796 денари ќе се наменат за изградба на училиште во градот Малатија.

Веднаш по катастрофалниот земјотрес кој ги погоди Турција и Сирија, Македонија се мобилизираше да обезбеди хуманитарна помош. Покрај финансиската и материјална помош, десетина пожарникари помагаа во потрагата по преживеани.

Во земјотресот кој на почетокот на годинава го погоди Турција и Сирија, загинаа преку 50 илјади лица. Ширум регионот уништени или оштетени беа илјадници објекти, а материјалната штета достигна неколку милијарди евра.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи