„Поглед, кон недоглед“, самостојна изложба на Марјан Стојаноски во Тирана

Со изложбата на слики „Поглед, кон недоглед“ академскиот уметник Марјан Стојаноски од Прилеп, ќе се претстави во КИЦ на Македонија во Тирана, Албанија. Изложбата ќе биде отворена на 11-ти септември  2023 во 20.00 часот.

Стојаноски изложува 16 дела – слики, за кои Викторија Димеска, историчар на уметности вели дека се создадени со виорен и енергичен јазик  и се асоцијативно-апстрактни композиции.

„Академскиот уметник Марјан Стојаноски понесува со моќна експресивност. Комбинирајќи цртачки и сликарски техники, тој создава слоевита, комплексна  и динамична содржина богата со контрастна изведба на линиите и боените површини. Слободна имагинативна изразност вирее од ракошниот семиотички јазик применет за креирање на асоцијативните апстракции. Од севкупната  хипнотизирачка комплексност на метафоричните синтагми провејува чувство на леснотија и безгрижност, вовлекувајќи го погледот во бескрајна длабочина на фантазијата“, вели Викторија Димеска, историчар на уметност.

Стојаноски, минатата година  имаше  изложба во КИЦ во Софија, Бугарија, со скулптури од различен формат. Изложбата „Panta rhei“ со ротирачки скулптури, изработени во метал и елементи од дрво, предизвика голем интерес во бугарската јавност.

Инаку Марјан Стојаноски завршува ФЛУ во Скопје, во класата на професорот Ибрахим Беди. Член е на ДЛУП и Друштвото на ликовни уметници на Македонија ДЛУМ. Во два наврати е претседател на ДЛУП, каде што во 2015 година како член ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул”. Има реализирано голем број на изложби, како самостојни, така и групни изложби.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи