Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска изјави дека со ребалансот на буџетот до крајот на годината предвидени се дополнителни 720 милиони денари за плати на 1.000 функционери кои во меѓувреме со уставна одлука добија зголемување на доходите за 78 отсто. Овие 12 милиони евра се една од причините зошто се прави ребаланс на буџетот, кој денеска е прифатен на владина седница и ќе биде испратен во Собрание.
„За покачувањето на платите на 1.000 функционери, односно 450 судии, 150 обвинители, 120 пратеници, 50 правобранители, владини функционери, министри, директори, предвидени се 720 милиони денари“, рече Бесими.
Како што додаде министерот, прераспределбата на буџетот ќе значи кратење од капиталните инвестиции кои не се движат со посакуваната динамика, а од друга страна ќе има зголемување на плати , пензии , К-15, социјална помош, набавка на лекови, антикризни мерки од деветти пакет, итн.