ВИДЕО – М. Брод одбележува 79 години од ослободувањето од фашистичкиот окупатор


Со Свечена Академија, оддавање на почит на паднатите борци, поетска манифестација „Потписи на срцето“ како и со изложба по повод 120 години од Илинденското Востание, Македонски Брод денеска одбележува 79 години од ослободувањето од фашистичкиот окупатор. А ќе се доделат и Благодарници на заслужни институции и граѓани кои го афирмирале М. Брод.

„Оваа година плакета ќе добие Здравствениот дом, односно Итната медицинска помош, која вложи многу особено кога беше Ковидот, потоа во делот на културата и традицијата ќе се додели награда на г-динот Стојан Миноски кој традиционално го негува фолклорот на Поречието уште од 70-тите години. Исто така ќе имаме награда во делот на образованието, едно дете освои награда на Државен натпревар. Во делот на спортот награда ќе се додели на еден ученик од 9-то одделение кој беше државен првак во традиционално карате. Во делот пак на уметноста награда ќе добие нашиот познат уметник Синиша Новески“, изјави Жарко Ристески, градоначалник на М. Брод.

Државниот Архив тука во Брод ја донесе и изложбата по повод 120 години од подигнувањето на Илинденското Востание, каде на 20 паноа се изложени 300 фотографии и документи поврзани со Илинденскиот период па се до периодот на АСНОМ.

„Изложбата е тематски поврзана, хронолошки, започнувајќи од почетоците на создавањето на Револуционерната организација, со документи и писма на Гоце Делчев, документи, писма и фотографии кои означуваат траење на Илинденското Востание, периодот меѓу двете Светски војни и АСНОМ, како и одгласот на АСНОМ во светот и Македониоја“, додаде Цуте Крајчески, советник во Државен архив на Македонија.

Инаку одбележувањето започна вчера со традиционален 42-ри концерт на КУД „7-ми Септемри“ во домот за култура во овој град.

„Во самото Културно уметнички друштво, без разлика на возраста, може секој да членува и низ годините во овој период се поминати многу генерации, промовирајќи го културниот и традиционалниот дух на Поречието“, истакна Милена Стојческа, директорка на Домот за култура во Македонски Брод.

Друштвото постои од 1981 година, а денес брои 90-тина членови, од сите профили, играорци, фоклористи, солисти и други. И во иднина планира активно да ја промовира традицијата и културата  на овој регион.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи