ВИДЕО – Инспекциите не може да утврдат кој и што го загадува Прилеп и колку е тоа штетно по здравјето на граѓаните


Што мириса повеќе од 3 недели во Прилеп и дали тоа е штетно по здравјето на луѓето засега нема одговор од надлежните институции. Во изминативе 20-тина денови, а најмногу во вечерните часови низ градот се шири неподнослива миризба, која наликува на изгорена пластика или друг вид на хемикалија. Најголемиот дел од граѓаните се сомневаат дека миризбата доаѓа од фабриката Ламинати Ком која се што се занимава со одреден вид на хемикалии и смоли при своето производство. Граѓаните кои живеат во нејзина близина обвинуваат дека се трујат подолг период и бараат нејзина дислокација.

„Таа испушта некоја миризба, штетна миризба, можам да кажам смрдеа. Се чувствува лутење на очи, нос, грло, едноствно не можеме да дишеме. Верувајте луѓе дека не трујат“, вели Митре Милески, жител на Прилеп.

Дел од жителите пак на оваа населба се сомневаат освен фабриката Ламинати Ком загадувањето го прават и пожарите кои во последен период зачестиле во кругот на фабриката 11 Октомври, каде под сувата трева горат разни штетни материи од поранешниот 11 Октомври. Таков пожар начекавме и денес. И покрај тоа што фабриката сега ја чува полиција не се знае како настaнуваат пожарите и дали се подметнати.

„Значи не се презема ништо, ниту Министерство за животна средина, ниту инспектори, не знаеме што да направиме.

Еве сега има пожар тука, што сметате од каде доаѓа од Ламинати или од тука?

 Има миризба и од Ламинати и од тука, затоа што ова што гори сега е истиот материјал како од Ламинати“, додаде Драган Секулоски, жител на Прилеп.

И другите жители на Прилеп се жалат на непријатна миризба, но не знаат од каде доаѓа.

 „И на сабајле во 3 часот кога ќе станиш смрди корни. Не‘ трујат веќе не можеме прозорец да отвориме, децава ни е страв  надвор да ги пуштиме  малите“, кажа една граѓанка.

 

„Чувствуваме да, како на џад нешто мириса. Јас вака чувствувам дека мириса скоро еден месец“, вели друга граѓанка.

 

„Се чувствува многу мириса, како да ти кажам мириса како изгорена пластика и јас не можам точно да кажам на што мириса“, истакна друг граѓанин.

Еден од сопствениците на фабриката Ламинати Ком, Томе Ѓорѓиески, кој не сакаше да даде изјава во камера, демантира дека загадувањето доаѓало од кај нив. Велат дека во последните 15-тина денови немале пуштено да работат машини кои се приклучени на филтри и дека работеле според сите пропишани стандарди со интегрирана Б еко дозвола издадена од Општината. Се сомнева дека миризбата доаѓала од горењето на разните отпадни материјали кои биле зафатени во пожарите во кругот на поранешниот гигант 11 Октомври.

Од Општината пак велат дека по пријави на граѓани деновиве имале секојдневни контроли на теренот, но не можеле да утврдат од каде доаѓа чудната миризба.

„Постапено е, излезен е инспекциски надзор, на терен во кругот каде е пријавена непријатната миризба. Заедно со претставници на МВР, со кои е одржан и заеднички состанок и писмена е побаран соработка. Извршена е контрола, извршен е надзор, исто така имаше претставници и од Државниот инспекторат за животна средина, ситуацијата се испитува од каде доаѓа непријатната миризба, за жал во овој момент не е ништо утврдено и не може да се каже ништо повеќе“, изјави Влатко Петкоски, портпарол на Општина Прилеп.

Засега не се знае ниту дали и колку миризбата е штетна по здравјето на граѓаните. Инспекциските контроли ќе продолжеле се до наоѓање на загадувачот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи