Управата за јавни приходи објави Листа на должници по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правните лица.
На листата на должници која ја објави УЈП се 5.105 фирми и граѓани кои имаат доспеани долгови до 31 мај, а не ги платиле до 31 август. Иако вкупниот долг е во нето износ од 8.210.260.105 денари или повеќе од 133 милиони евра, од УЈП посочуваат дека има намалување од речиси шест милиони евра.
На врвот на листата на должници е фирмата „СГСМ Оил Гас Сервис“ која должи 218.853.092 денари, односно над 3,5 милиони евра. Второ е Јавното комунално претпријатие Гостивар кое должи околу 2,3 милиони евра, а на трето место е „Мил Давид ДОО Скопје“ која должи 126 милиони денари.
„Дивелоп Груп ДОО Скопје“, компанија во чија сопственост е хотел „Мериот“ , должи 123 милиони денари за ДДВ и данок на добивка. „Дивелоп Груп“ е во сопственост на „Бест Веј“ фирма на синот на Сашо Мијалков, Јордан, како и на Александар Ивановски познат како Алек Теранова, објави порталот А1он.
Меѓу најголемите пет должници е и фирма на Трајче Заев, братучед на експремиерот Зоран Заев, која е деловно неактивна и има еден вработен, но должи два милиони евра за ДДВ.