Секако дека Прилеп заслужува и спортска сала и базен, меѓутоа едно е кога се ветува, а друго е кога ќе се стави на хартија проекти и кога ќе се буџетира во Буџетот. Ние сега ќе влеземе во тој процес на подготовка на буџет за 2024 година и еден од приоритетите ќе биде во градови како Прилеп, како Битола да се изградат објекти кои ќе бидат од интерес на граѓаните, рече денеска во Прилеп, премиерот Димитар Ковачевски.
„Што се однесува до Прилеп, да, Прилеп заслужува сала, јас сум бил во таа сала, не само Наумче Мојсоски, мојот најдобар другар од детство е исто така еден бивш репрезентативец на Македонија во ракомет и како негов поддржувач и јас сум доаѓал во Прилеп на ракометни утакмици кои се играле и биле навистина спектакли какви ретко се гледаат на спортските терени и Прилеп тоа заслужува повторно да го има“, истакна Ковачевски.