Во моментов на конзорциумот „Бехтел и Енка“ му се потребни најмалку 2.000 работници, а досега се пријавиле 360 македонски граѓани, што е малку, кажа премиерот Димитар Ковачевски денеска на одбележувањето на почеток на градба на делницата Прилеп-Битола, како дел од Коридорот 10д.
„Во моментов се одвиваат саеми за работа и во Тетово и во Гостивар и во Прилеп и во Битола. Само што разговарав со проект менаџерот дека досега имаат 360 сивија што ги разгледуваат од наши сограѓани од сите различни профили. И тоа е малку, бидејќи она што во моментов најмалку му треба на конзорциумот се 2.000 работници“, рече Ковачевски.
Тој посочи дека саемите за вработување треба да бидат поттик за сите наши со граѓани, без оглед на возраста, сите оние што се работоспособни и кои сакаат да работат на овој голем проект и во една од најреномираните светски компании „Бехтел“ и нивниот партнер „Енка“. До сега саеми за вработување се одржаа во Тетово, Гостивар и во Битола.
„Бехтел и Енка“ ќе гради четири делници од коридорите 8 и 10д – Гостивар-Букојчани, Тетово-Гостивар, Требешништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола, за 1,3 милијарди евра кои треба да бидат готови за помалку од 5 години. Премиерот додаде дека во текот на продолжување на градбата на автопатските делници, потребата од работници ќе се искачи до 8.000 работници на патните правци кои што ги работи „Бехтел и Енка“.