Како Влада навистина докажавме дека сме сериозен партнер на тутунопроизводителите. Со промената на моделот на субвенционирање во 2017 за реколтата која беше тековна и зголемувањето на износот по класи, односно воведување на една мотивирачка субвенција за што поквалитетно производство на тутун, рече вечерва во Прилеп, министерот за земјоделство Николовски.
„При креирањето на буџетот не се водиме од средства кои се определени колку ќе бидат за тутунопроизводителите или колку за други сектори, туку секој пат досега без оглед на која година, на која реколта сме обезбедиле толку средства колку што има производство на тутун од прва, втора и трета класа и тоа сме го направиле со навремена исплата и така ќе биде и оваа година, како што беше и последната впрочем, во која 80% од вкупното производство на тутун беше од прва класа и буџетот за тутунопроизводителите иако не беше планиран, беше зголемен за 5 до 6 милиони евра. И оваа година се водиме од тоа да се обезбеди и тоа е направено во вкупниот буџет за сите тутунопроизводители согласно тоа што како реколта ќе го имаме од прва, втора и трета класа.
Меѓутоа секогаш сме отворени и кажавме дека никој нема да биде оставен сам и можам оваа вечер тука од Прилеп да кажам дека една од новите мерки и ова ќе биде прва мерка која си земам за право во име на тимот кој го водам, дека оваа следна година тутунопроизводителите ќе бидат опфатени за прв пат со поддршка за зелена нафта. Тоа досега не беше, тоа ќе биде нова мерка, веќе е испланирана, за прв пат ја кажувам оваа вечер тука од Прилеп, дека дополнителна поддршка на тутунопроизводителите оваа година, тоа сме го разговарале со пратеникот Миле, со директорот на Тутунскиот комбинат, со сите засегнати овде, го имаме моделот, го додефинираме со целиот тим, но за прв пат тутунопроизводителите ќе добијат поддршка за зелена нафта“, рече Николовски.