ВИДЕО – Спортските ветерани: Без спортски сали и без вложување нема да има никогаш напредок на спортот во Прилеп


Без поголеми вложувања и отворање на двете спортски сали во Прилеп, сала „Македонија“ и „Универзална сала“, нема да има никаков спортски напредок во градот. Ова е ставот на поранешните спортски работници од Прилеп кои добија признанија за својата долгогодишна работа од Здружение на спортски ветерани од Прилеп. Велат како може некој да очекува развиен спорт, ако нема каде да се тренира.

Дојдовме до ситуација при две прекрасни сали, Прилеп да нема сала каде може да тренираат, да има услови за тренинг, услови за натпревар. Дојдовме до ситуација да не функционираат, голема штета, училишна сала е училишна сала, без публика играме натпревари, но тоа не е тоа. Родителите идат да го гледаат своето дете и ти да не му дозволиш него  да влези во сала, Универзална сала или сала Македонија, тоа за мене е несватливо“, рече Глигор Локвенец, поранешен  спортски работник.

На истото мислење се и нивните помлади колеги од Сојузот на училишни спортови.

„Затворени се двете спортски сали во градов, нема ниту за тренинзи, ниту за натпревари, дури и официјалните натпревари на матичните клубови по спортови се играат во училишните спортски сали, што нормално прави одредени пречки за одржувањето и на училишните натпревари, односно натпреварите што ние како училишен спорт ги организираме“, истакна Здравко Ристески, претседател на Сојуз на училишни спортови – Прилеп.

За падот на спортот во Прилеп дел од проблемот гледаат и во неговата комерцијализација. Односно профитот, пред самиот спорт, што не требало да биде така.

Им препорачувам на младите генерации кои доаѓаат после нас, апсолутно да не гледаат финансиски моќни родители, или немоќни родители, туку оној кого го бидува, ако не го бидува  да го направи талент со негова упорна работа и да извади деца како што ние порано на времето правевме“, кажа Борче Тодороски, поранешен  спортски работник.

 

 Сѐ се гледа некако низ парите, професорите сигурно многу повеќе бараат пари за да ги тренираат децата, родителите сега посиромашни и малку тешко одат тие работи. Некогаш имавме во рамките на Сојузот на училишен спорт организирано со 10 професори и 10 пионерски школи со стотици деца кои работеа и ентузијазмот беше некако на многу повисоко ниво, отколку сега, нека не замерат помладите колеги“, рече Трајче Зулјамоски, претседател на здружение на спортски ветерани од Прилеп.

Препорачуваат да се соберат сите релевантни спортски фактори во градот и да започнат темелно да се решаваат проблемите со спортот во градот.

Сега стварно градот нема ништо, реално земени ниту еден спорт нема да цвета во градов, и женски, и машки и пионери. Треба да се преангажираме, ние како здружение на педагози да се договориме, да се собериме пак и сами да си кажиме што фали, како фали и што треба да отстраниме за да тргни повторно работата како што треба да биде“, вели Ѓоре Наумоски, поранешен  спортски работник.

Прилеп од некогашен спортски центар во Македонија, денес е ставен комплетно на маргините. Без соодветна стратегија и од Општината и од државата, тој за жал само ќе продолжи да тоне.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи