ВИДЕО – Градинката во Кривогаштани доби пластеник каде најмалите ќе учат се за растенијата и здравата храна


Преку проектот „Градината во мојата градинка“ на ЛАГ АГРО ЛИДЕР, а поддржан од Министерството за животна средина во градинката „Всело Штркче“ во Општина Кривогаштани беше изграден пластеник каде најмалите ќе учат за тоа што се растенија, како се садат, каков плод даваат, но и како треба да се чува животната средина.

Се надевам дека ова ќе биде поттик и за останатите градинки да размислуваат во таа насока и така да ги збогатат наставните програми со нешто каде децата ќе можат да се здобијат и со знаење и со практични вештини како се одгледува храната, воедно и зошто е важно да се имаат вештините за заштита на животната средина. А овде ќе одгледуваме зеленчук, ќе се садат и овошни дрвја во склоп на дворот на градинката, продолжуваме и понатаму со различни иницијативи“, истакна Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.

Во процесот освен воспитачките, се вклучени и родителите на децата кои пореку целата година ќе произведуваат здрава храна.

Целта на овој проект е да се разбуди градинарската желба кај дечињата, исто така да стекнат нови знаења и нови искуства, да ги научат карактеристиките и да знаат да ги опишуваат растенијата и нивната придобивка“, вели Стефани Гагоска, директорка на градинката „Весело Штркче“ во Општина Кривогаштани.

Според воспитувачите овој проект е од особено значење за малите деца кои ќе научат се за растенијата, од семка до готов производ, па се до негова конзумација и едукација колку е добро здраво да се хранат.

Ние секој месец имаме определено кои растенија како ќе ги засадуваме и кога ќе ги засадуваме. Овој месец имаме растенија да насадиме како блитва, спанаќ, морков, целер, магдонос и друго. Исто така ги имаме и зимзелените растенија, значи нема да изостанат и оние дрва кои треба да ги насадиме во градинката, потоа ќе имаме и овошни дрвца како јаболко, праска, крушка, слива, кои се добри за дечињата, тие преку тоа ќе ја научат нивната карактеристика, ќе го осетат вкусот, значи многу ни е битно тука да ги имаме развиени сите сетила кај дечињата. Со самиот допир на дечињата до растенијата, до песокта, до семињата, тие развиваат една фина моторика на прстињата“, додаде Моника Пупуноска, воспитувач во градинката „Весело Штркче“ во Општина Кривогаштани.

Освен пластеникот во иднина се планира во дворот на градинката да бидат засадени и разни овошни дрвја.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи