„Уметничкиот свет на Владимир Георгиевски – дел од ретроспектива“ е изложбата што беше отворена синоќа, 19.09.2023, во ликовниот салон од ЦК „Марко Цепенков“, на која прилепчани до 28 септември ќе имаат можност да се запознаат со дел од творештвото на големиот македонски уметник. На отворањето на изложбата присуствуваа сопругата и ќерката на уметникот и кураторот Јасминка Намичева. При тоа беше потенцирано дека изложбата е дел од проектот „Музеумлинк“ во соработка со Музејот на град Скопје.
Владимир Георгиевски (1942–2017), добитник на нагрдата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“, е еден од најзначајните македонски уметници, кој зад себе остави скапоцена ризница од уметничко богатство. Во неговите дела, како што вели Емил Алексиев, болска златна нишка што ги поврзува и води кон скриеното духовно благо закопано длабоко под површината на неговите слики.
„Наспроти современите насоки на движење на ликовната уметност, спроти времето и актуелноста, Георгиевски ја започнува својата творечка авантура движејќи се во спротивна насока од своите современици – одејќи назад, до затрупаните извори на уметноста, таму каде што сè почнува, враќајќи се кон загубените вредности на сликарството и на сликата, кон класичната формула и мајсторската форма…. Неговите творечки занеси го водеа на долги и неизвесни патувања по пустите предели на стварноста низ долините каде што врие, се прелева и се пресоздава животот до највисоките врвови каде што воздухот е студен и проѕирен како кристал, а видикот широк и јасно може да се види светот…. Неговото творештво е како животот – буи, блика, расте и се разгранува во својот природен развиток, не водејќи грижа за правилата и ограничувањата што ги наметнува современото општество, ниту пак води сметка за модните трендови и вкусот на неговите современици. Тој е сликар на современата стварност дури и кога е тешко препознатлива поради историската травестија. Симболизмот во неговото творештво, алегоријата, нарацијата и иронијата со која ги слика нештата не се противставени на основниот сликарски порив да ја направи видлива вистината за светот денес. Тие се само средства“, вели Алексиев за творештвото на Георгиевски.