Владата на седница одлучи да ги намали царинските давачки за овошје и зеленчук од 65 на 10 отсто, но тука не е опфатен увозот на краставици, домати и пиперки, информира министерот за економија Крешник Бектеши.
„Зголемени се квотите за увоз на јужно овошје – лимони, портокали, мандарини и слично и оваа зима граѓаните ќе имаат многу пониски цени на овие производи. Наместо квота од 8.000 тони, ќе се зголеми за дополнителни 2.000 тони до крајот на годината и зимоска ќе имаме многу пониски цени на јужното овошје“, рече Бектеши.
Според министерот, нашите трговци добиваат повисоки цени во соседството и преферираат да продаваат надвор од државата, со што ние како држава двапати губиме – недостатокот го надоместуваме со увоз, за што се плаќа царина од 65 отсто.
Бектеши истакна дека денешните мерки што ги донесе Владата стартуваат веднаш по објавувањето во „Службен весник“. Одлуката за зголемените квоти за увоз на јужно овошје ќе трае до 31 декември годинава, а онаа за намалување на царинските давачки до 28 февруари 2024 година.