Драги гледачи, денеска со нас се двајца интересни соговорници, 14 годишниот Лука Најдоски, спортист во воздухопловно моделарство од Прилеп, кој тука со себе го носи и својот модел со кој се натпреварува, а со нас е и Здравко Тодороски, претседател на клубот „Фил Феникс“ од Прилеп, но и директор на натпреварите од Светскиот куп кои се организираат во Прилеп, а ќе имаме можност денеска и утре да ги погледнеме на спортскиот аеродром во Мало Коњари, во близина на Прилеп.
Овој разговор ќе го започнеме со младиот Лука Најдоски. Се занимаваш со еден доста интересен спорт, воздухопловно моделарство во дисциплината едрилици, токму со овој модел кој публиката има можност да го види. Како започна целата таа приказна околу воздухопловното моделарство, зошто токму овој спорт?
Најдоски: Татко ми од мали нозе ме носеше на спортскиот аеродром во Мало Коњари, каде имаше натпревари и од таму се јави мојата желба да започнам со овој спорт. Тој порано се натпреваруваше во ракетно моделарство и е светски првак во тоа и затоа ми се јави оваа желба.
Овој модел што имаме можност да го видиме тука го изработуваш сам, или деловите се купуваат и потоа ги составуваш?
Најдоски: Може да се изработи сам, но ние најчесто ги купуваме, посебно сега во ова време.
Од што се состои моделот?
Најдоски: Моделот се состои од крила, труп, вертикалец и хоризонтален стабилизатор.
За оние што не се запознати, што е суштината за овој спорт?
Најдоски: Суштината на овој спорт е максималното време на лет на моделот, се натпреваруваме со тоа што моделот има одредено зададено време каде треба да лета. Најчесто времето во текот на натпреварот е 3 до 4 минути. Има 5 турнуси, сите со одредено време на максимален лет и доколку некој од натпреварувачите извадат максимален број на бодови, влегуваат во финале или флај оф, каде времето на летот се продолжува на 8 минути. Доколку еден или повеќе од еден излетаат 8 минути, тогаш следува втор флај оф каде времето се покачува на 10 минути и така се додека не се најде победникот на натпреварот.
Значи победник е оној кој најмногу ќе го одржи во воздух својот модел?
Најдоски: Да.
Како полетуваат овие модели, имаат некој електронски систем или рачно?
Најдоски: Овие модели имаат сајла од 50 метра која се запнува на долниот дел од трупот, на куката и од долу тој што го управува моделот со влечење го крева горе и го контролира, со отпуштање и затегање на куката. Кога ќе се затегни има една команда, кога ќе се отпушти има друга команда и така тоа се управува се додека не се најде термика, тоа е топол воздух кој крева нагоре и кога ќе се најде тоа моделот се откачува и од времето на откачување почнува да се брои времето на летот.
А како слетува?
Најдоски: После излетаното време, хоризонталниот стабилизатор се подига на 45 степени и моделот безбедно паѓа на земјата.
Една од причините зошто денес го правиме ова интервју е исто така и големиот број на награди, дипломи, пехари кои ти ги имаш освоено, не само на натпревари во Македонија, туку и во странство, на светските купови. На колку од нив имаш учествувано, кои награди ги имаш добиено и која ти е најдрага?
Најдоски: Оваа година ние започнавме со натпреварот во Србија, во Зрењанин каде таму јас не освоив награда, но освои брат ми. Потоа бевме во Романија, во Салонта, каде беше еден од најјаките светски купови досега што го имаме видено. Потоа бевме во Хрватска каде првиот ден освоив второ место, а вториот ден бев петти. Претпоследно бевме во Мостар, во Босна, таму освоив трето место. Последно се вративме пред една недела, бевме во Бугарија и таму првиот ден освоив трето место, а вториот ден освоив прво место.
Господине Тодороски, како што најавивме, денес и утре на спортскиот аеродром треба да започне и натпреварот од светскиот куп во воздухопловно моделарство.
Тодороски: Да, задоволство ми е да го најавам организирањето на овие 2 светски натпревари кај нас, уште поголемо задоволство ако се знае дека почнавме 2000 година, значи 23 година по ред ги организираме овие куп натпревари. Значајни јубилеи се движат, а уште поголемо е задоволство ако се знае дека константно имаме големо присуство на натпреварувачи од странство на нашите светски купови. Оваа година да го најавам и доаѓањето на светскиот шампион во една од категориите кои се присутни на нашиот куп, значи во секој случај голема конкуренција секоја година.
Колку напреварувачи и од колку држави очекувате оваа година и во кои дисциплини ќе се натпреваруваат?
Тодороски: На двата светски купа ќе учествуваат 120 натпреварувачи од 9 држави од Европа, почнувајќи од Германија, Словенија, завршувајќи со Бугарија и Турција, како и земјите од бивша Југославија. Интересно е тоа што 120 натпеварувачи се прилично голема бројка на двата меѓународни настани, јас се гордеам што на Прилеп му овозможуваме од аспект на спортски туризам и од аспект на популаризација и на градот и на државата, се надевам дека во континуитет ќе ги продолжиме овие активности.
Колку овој спорт е популарен кај на во Македонија?
Тодороски: Со менувањето на наставните програми во основните училишта за жал се прекина еден многу добар континуитет на афирмација и развој, но и на информирање на сите оние млади луѓе кои би можеле и би сакале да земат учество во овие спортови. Знаете, општо техничко образование беше основен предмет во кој покрај другите технички активности имаше и воздухопловно и ракетно моделарство. Со прекинување на тие предмети и ставање во незгодна ситуација на наставниците да не можат да ги спроведуваат комплетните програми, се намали бројот на учесници. Обично преку аеро клубовите и воздухопловните клубови тие млади деца секоја година по 30 до 40 учествуваа на основните обуки во спортското моделарство и од тие 30-40 остануваа сигурно 7-8 годишно кои се интересираа за воздухопловството, голем дел постануваа и активни летачи, воздухопловци, така да еден врзан циклус на селекција и афирмација на воздухопловството и воздухопловните спортови имаше многу појако ниво. Сега за жал не постои тоа и останува исклучиво личниот афинитет на децата, или родителите, или пријатели да го повлечи детето и да го мотивира да земи учество во овие спортови. Во земјите од Источна и Централна Европа, како Чешка, Словачка, Полска, Романија, се уште постои тој контакт со училиштата и има неверојатно голем број на натпреварувачи и деца кои земаат навистина активно учество во овие спортови. Останува на нас ние да ги мотивираме, да пробаме како повозрасна категорија, тренери или други активни спортски работници да пробаме колку што може да го одржиме тој континуитет и да очекуваме дека ќе има подобри времиња.