Денеска во Прилеп се одржа третото издание на „Вело тура за култура“ во организација на Здружението „ПЛАТФОРМА ЗА КРЕАТИВНИ КОНЦЕПТИ“ од овој град, чија цел е посета и промоција на прилепските споменици на култура, археолошки локалитети и музеите со нивните поставки.
Оваа година се набројуваат 70 години од започнувањето на истражувањата на античкиот град Стибера, кој што е од исклучително значење за културата не само за општина Прилеп, туку и за Македонија. Станува збор за град кој постоел од 3 век пред наша ера, па се до 4 век од наша ера и кој претставувал центар со околу 20.000 жители, што во денешни рамки би било еквивалент на една метропола. Во Стибера се откриени преку 30 мермерни скулптури, но за жал досега е истражено само околу 5% од античкиот град и според археолозите околните ридови се уште ги кријат театарот, храмовите и други импозантни објекти кои чекаат да бидат откриени.
Токму поради тоа, третото издание на „Вело тура за култура“ годинава беше посветено на овој локалитет.
Рекреативната и едукативна велосипедска тура започна од поставката на отворено, односно Лапидариумот, кој што се наоѓа во состав на „Завод и Музеј Прилеп“, каде што учесниците се запознаа со дел од пронајдените артефакти како на локалитетот „Стибера“, така и на другите археолошки локалитети на територија на Општина Прилеп.
Учесниците на турата потоа се упатија кон самиот локалитет каде се продолжи со предавањето за значењето на Стибера. Трасата беше по стариот пат за Битола, односно преку Ново Лагово, Беровци, Тополчани и Тројкрсти пак кон Чепигово.
По краткиот одмор и предавањето за Стибера од страна на стручните лица од Заводот и Музеј Прилеп „Вело тура за култура“ продолжи кон Пашино Рувци, Боротино, Кадино Село, Галичани и преку Ново Лагово повторно заврши во Прилеп.
„Благодарност за поддршката до Општина Прилеп, Завод и Музеј Прилеп, како и до „Прилепска пиварница“ и „Витаминка“ за нивните производи со кои се освеживме во текот на турата, како и донацијата од човекот кој сакаше да остане анонимен, а е дел од сите настани во градот“, велат организаторите на настанот.
Станува збор за средно тешка тура, долга околу 50 километри, која е 100% асфалт и е погодна за секаков вид на велосипеди.