Годинава се навршуваат 10 години од истражувањата на античката населба Колобаиса која се наоѓа на просторот на денешниот манастир Трескавец и неговата околина. Со годинешните истражувања се потврдија фактите за тоа дека станува збор за урбана импозантна населба која егзистирала од 1 до 7 век од нашата ера на околу 1.250 мнв. и каде зачудувачки имало изграден систем на водовод и канализација. Нешто што за жал и по 2.000 години од тогаш денес ние го немаме. Трескавец се уште нема ниту водовод, ниту пречистителна станица за отпадни води.
„Нагласокот беше за заокружување на сознанијата за влезниот сегмент од античката населба Колобаиса, односно двата дела кои ја дефинираат како урбана населба, а тоа е доводот на вода кој е особено креативно решен на надморска висина од 1.250 метри и не помалку креативно решение од систем на одвод, канализација“, вели Бранислав Ристески, раководител на истражувањата на Колабаиса.
Се знае дека на овој простор кој го опфаќал и врвот Златоврв во состав на населбата имало две светилишта посветени на боговите Аполон и Артемида, потоа во 5 век е изградена ранохристијанска базилика, а во 12 век се гради сегашниот манастирски комплекс. Сега идејата е да се направи конзервација на се што е досега откопано и тоа во главните периоди на населбата од 2 до 4 и од 5 до 6 век. Особено акцент ќе се стави на конзервација на самиот влез на населбата кој во иднина може да биде и влез во сегашниот манастирски комплекс.
„Еден од елементите има профилактички карактер, односно заштита од пожари, порои и сличните непогоди. Тоа е поентата, а истовремено овозможува да се стави и во туристичка експлоатација овој простор. Ќе се издвои приодот, ќе се реорганизира просторот за посети во пешачка смисла и во таа смисла Колобаиса ќе биде влез во манастирскиот комплекс“, додаде Ристески.
Доколку се реализираат овие идеи целиот простор ќе биде организиран како едно мистично патување низ времето преку раскажување на милениумската приказна на ова место.