ВИДЕО – Со настаните од НОБ, Прилеп длабоко се врежал во темелите на создавањето на Македонија


Меморијалниот музеј 11 Октомври 1941 година или познатиот Участак во Прилеп е местото каде пукнала првата пушка и започало востанието против фашистичкиот окупатор на 11 Октомври 1941 година. Објектот е изграден во почетокот на 20 век и не се знае која била неговата првична намена, ниту кој го изградил. Зградата за време на Кралството СХС била едно време вински ан, потоа интернат, потоа кога дошле Бугарите за време на Втората светска војна бил бугарска полициска станица или Участак, таа намена ја има и после војната се до 1952 година кога се гради овој музеј со мала поставка, а официјално во поголем формат е отворен во 1961.

„Акциите кои ги започнале прилепските партизани тука пред овој објект, како и со нападот на затворот и прекинот на телефонско-телеграфските врски, го продолжиле револуционерниот од на многу борбени генерации во минатото, изразени преку многу бројни буни и востанија, се разбира вкличително тука и Илинденското востание од 1903 година. Оваа борба е заокружена со АСНОМ, т.н. втор Илинден, за да со референдумот или уште како што се нарекува трет Илинден на 8 септември 1991 година, се заокружи еден тежок период низ вековите, исполнет со многу поробувања, асимилации и екомски експлоатации на Македонија и македонската држава“, истакна Рубин Белчески, историчар и кустос во Меморијалниот музеј 11 Октомври.

Поставката е поставена на површина од 236 м2, распределна во 3 сали. Во првата просторија долу започнува со документи за Прилеп од првата половина на 19 век, периодот на Преродбата, Блаканските војни, Првата светска војна се до Втората светска војна. Има една импровизирана канцеларија на началникот на бугарската полиција, но претставена е и собата каде се измачувале партизаните и нивните соработници.

„Се разбира Коминистичката партија имал свои клубови низ Македонија, во рамките на тоа во 1919 година после самото формирање е формиран и Клуб на комунистите во Прилеп, а во оваа поставка е споменето и Македонското народно движење или МАНАПО, потоа функционирањето на ВМРО Обединета како една прогресивна Организација која што ги собира сите оние напредни дејци и работи во полето на слобода на македонскиот народ во рамките на српскиот режим во периодот на двете светски војни на Кралството на СХС. Се разбира со доаѓањето на Јосип Броз Тито на чело на КПЈ, во 1937 година, КПЈ е подобро организирана во рамките на тоа постои изразен отпор и штрајкови кои под плаштот на работничките права се прават низ Југославија, а познат е штрајкот на тутунските работници од 4 април 1938 година. А исто така на овој спрат се наоѓа и просторијата каде сите оние кои не биле по волјата на бугарските окупатори биле измачувани и применувани врз нив разни методи со цел издејствување разни информации“, додаде Белчески.

Во втората сала се наоѓаат документи и фотографии за периодот март 1941 до почеток на востанието и времето кога тогашна Кралска Југославија го потпишува Тројниот пакт со фашистичка Германија. Но потоа Германија ја напаѓа Југославија и државата се дели на окупациони зони.

„Во рамките на тоа поголемиот дел од Македонија е дадена да ја окупира Бугарија, а западниот дел на Македонија со градовите Струга, Кичево, Дебар и Гостивар е дадена во рамките на Голема Албанија, под протекторат на фашистичка Италија. Меѓутоа месниот комитет на КПЈ за Прилеп каде во тој период членовите Кузмано Јосифоски – Питу, Мирче Ацев, Борка Талески, Вера Ацева и други истакнати борци, не седеле со скрстени раце и ја пуштаат паролата „Ни аир од Србите, ни бериќет од Бугарите“ бидејќи сфатиле дека Бугарите не доаѓаат како ослободители, туку како окупатори и почнвата акции за организрање на населението. Секако треба да се потенцира излегувањето на првите партизани ноќта помеѓу 12 и 13 септември, 1941 година кога на врвот Бидимаш, на планината Селечка е формиран партизански логор, излезени се првите 7 мина партизани, па потоа групата се зголемува и тоа е една од основите за формирање на одредот „Гоце Делчев“, потенцираше историчарот Белчески.

Главната сала е посветена на настаните кои се случиле на денот на востанието на 11 Октомври.

„И на 11 октомври вечерта во 22 часот групите од Маркови Кули слегуваат во Прилеп. Првата група предводена од Аспарух Јосифоски, братот на Кузман Јосифоски Питу во која што уште е и се разбира Душко Наумоски кој го истрелал првиот куршум. Втората група предводена од Никола Попоски, го напаѓа затворот и третата група предводена од Мице Димески ги прекинува телефонско телеграфските врски“, вели Белчески.

После овој настан партизаните се повлекуваат, а бугарските окупациски сили спровеле невиден терор врз населнието. Во оваа станица и во други објекти се приведени околу 900 прилепчани, од кои добар дел се затворени во Битола. Но ова било само почеток на развојот на отпорот, се создавале нови и нови партизански одреди и формации кои на крајот ја ослободиле државата. Прилеп во НОБ  учествувал со 8.000 граѓани, од кои 2.700 директно со оружје во рака, Прилеп дал 650 жртви, а од 66 народни херои во Македонија, 15 се од Прилеп. 10 загинале во војната, а 5 починале потоа. Токму затоа во 1975 година маршалот Јосип Броз Тито на Прилеп му го доделува Орденот за Град народен херој.

„Од овој објект сакам да испратам една порака до помладата популација, ученичката младина, студентската младина, до целото граѓанство, мораме да го почитуваме минатото бидејќи тука е коренот на нашата државност. Затоа сите овие настани, Илинден, НОВ, АСНОМ, Референдумот од 1991, сите се настани кои мора да се почитуваат, негуваат и да ги почитуваат сите оние кои ги дале животите и кои се вградиле во темелите на самостојна, суверена и независна Македонија“, додаде историчарот Белчески.

Со сите овие настани и дејствија Прилеп докажува дека длабоко се врежал во темелите на создавањето на нашата држава.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи