Почитта кон наставникот и воспитанието доаѓаат од семејството, но и ние како наставници носиме вина за ситуацијата во која се наоѓаме


Наш соговорник денес е наставникот, магистер Гоце Бумбароски од основното училиште „Кочо Рацин“ од Прилеп, со кого ќе поразговараме на повеќе актуелни теми поврзани со образовниот процес.

Образовниот процес во денешно време се соочува со голем број на предизвици. Еден од предизвиците за кои сакам да поразговараме е тоа дека пред неколку денови беше светскиот ден на наставниците, 5 октомври. Како денес вие би го оцениле односот на учениците кон наставниците и односот на родителите на тие ученици кон наставниците?

Бумбароски: Ние можеме да направиме една паралела на односот од учениците, родителите, општеството, па дури и односот на нас колегите меѓу себе во делот на почитување и достоинствено однесување. Тука за почеток можам да спомнам дека почитувањето на ниво на општество веќе е нарушено и го немаме ние како луѓе, како граѓани на Република Македонија, а верувам според она што барем како сознание го имам и на земјите кои се од нашето опкружување. Можеме да видиме и непочитување ниту на сообраќајни знаци, на однесување, едноставно немаме никакви морални вредности. Оттаму тоа непочитување се пренесува кон семејството, а семејствата го пренесуваат тоа врз своите најмили, кои доаѓаат во училишта и тоа непочитување, односно сите тие изместени морални вредности повторно им создаваат немир и тие, тоа што го учат дома, тоа што се воспитани дома го пренесуваат и кон наставникот. Она што морам да го спомнам е тоа што и ние наставниците недоволно се истакнуваме себе сѝ, односно дел од колегите едноставно си чекаат да помине времето, да помине часот и ништо не правиме за подобрување на нашето достоинство.

Практично сакате да кажете дека основниот извор од каде потекнува оваа состојба е семејството, дека почитта се уче пред сѐ дома, а потоа во училиште?

Бумбароски: Семејството е само дел од овој цел систем кој го имаме како општество, можеби семејството притиснато од сето она бреме кое го задава општеството почнува да функционира онака како што функционира, но треба да знаеме дека основна клетка на општеството е семејството. Така да од семејството сѐ произлегува, ова што денес се случува почитувањето, односно непочитувањето кон образованието во целост, а и кон наставниците произлегува од семејството. Причините кои се  можеме понатаму да разговараме, можеме во друга прилика да дискутираме, но сепак важно е семејството како го одгледува и како го подготвува детето за на училиште, така тоа се однесува и во самото училиште. Ние наставниците точно знаеме кои родители нѐ почитуваат преку односот на нивните деца и верувајте дека наставниците точно знаат како родителите се однесуваат кон наставниците. Морам да признаам дека оваа алка мора да биде со затворен круг и почитувањето на наставниците кон родителите мора да биде на високо ниво.

Некои велат дека има повеќе причини за оваа ситуација во која се наоѓаме денес, една од нив е и самата партизираност на општеството буквално во секоја сфера, особено во тие таканаречени државни вработувања во кои спаѓа и вработувањето на наставниот кадар. За жал на прсти се бројат во Македонија наставниците и наставниот кадар кој не е вработен преку партија. Дали тоа има влијание во целата оваа ситуација?

Бумбароски: Факт е дека партизацијата е навлезена во сите пори на општественото делување и во овој случај ниту образованието не е имун на таа партизација. Да непоменам дека секој човек може да биде партиски определен, тоа не е никаков грев, но се додека тоа функционира надвор од институциите е во ред, кога партизацијата влегува во инстутициите тогаш ова што денес го имаме, да и тоа како може да биде причина, односно последица на партизацијата во делот на образованието. Замислете имате луѓе кои во текот на функционирањето во училиштата, во дружењето со децата, со родителите, ја користат таа партиска позадина и се додека ја имаат можеби имаат некоја позиција или некоја слика за себе. Што правиме во моментот кога ќе ја немаат? Тогаш остануваме дека имаме луѓе кои се без име и презиме, кои се само припадници на една или друга политичка партија.

Колку пати во текот на вашата наставна кариера сте ја слушнале фразата, знаеш кој ми е татко, за разлика од минатото кога ние седевме во овие клупи, тоа не беше така?

Бумбароски: Со оглед на тоа дека јас им предавам на ученици од прво до петто одделение, тие се искрени и кај нив не функционира делот на закана, или делот дека можеби ќе искористат дел од родителите. Јас тој дел го немам почувствувано, но имам колеги кои и тоа како знаат да се пожалат на тој притисок дека одредено детенце потекнува од некакво семејство кое има влијание, без разлика дали тоа е влијание на ниво на општина, или на ниво на држава. Се случува и за жал повторно ќе се вратиме кај семејството. Имаме прекрасни родители кои се на високи позиции, без разлика дали тоа се позиции во општеството како политички, или се на ниво на град, на држава, на приватен бизнис итн.кои и тоа како знаеме дека можат да бидат влијателни во една општина. Но сепак воспитувањето кое децата го добиваат од дома е тоа кое нас ни се рефлектира овде. Тоа значи дека доколку некој влијателен родител правилно си го воспита своето дете и му даде правец, тоа никогаш нема да го искористи својот родител како грб за да направи некое зло. Од друга страна имаме родители кои немаат никакво влијание, можеви не сакаат да влијаат, но едноставно си ги воспитуваат своите деца правилно да расудуваат и да ги почитуваат авторитетите. На крајот од денот авторитет се и самите родители дома, ако тие не си воспостават авторитет врз своето дете, тогаш како ќе бараат некој друг да стане авторитет. Кога дечињата се мали тоа можеби и не е така страшно и тоа не е толку видливо, но како растат дечињата така и нивните потреби се зголемуваат, а родителот во еден момент не може да ги задоволи нивните потреби кои се надвор од границите и можностите.

Од друга страна, она што исто така може да се забележи, по малку чудна ситуација, е дека во денешно време, за разлика од минатото, ретко кое дете добива единица, ретко кое дете повторува, ретко кое дете наставникот може да го избрка од часот доколку е немирно. Тие некакви ингеренции на наставниците кои беа во минатото, денес се скратени. Тие се скратени со закон, или поради тоа што од една страна имаме борба за ученици, сѐ помалку ученици имаме во основните училишта, класови со 10-тина ученици функционираат за разлика од минатото кога беа по 30-40 ученици во еден клас. Дали оваа ситуација влијае врз односот ученик – наставник, затоа што можеби учениците знаат дека што и да направаат тие ќе ја завршат годината, колку и да го знаеле материјалот?

Бумбароски: Дарко сето ова што го спомна е така како што е, ти си родител, јас исто така сум родител, ја играме улогата на родители и знаеме дома што правиме и знаеме на што сме спремни за да успеат нашите деца. Сѐ што спомна има влијание врз моменталната состојба во образованието во државата, ние како Република Македонија сме држава која се соочува со иселување и можеби тоа е еден од сегментите зошто ние правиме условно речено подобри услови за нашите деца. Но дали ги правиме на вистинскиот начин? Дали попуштањето е еден од условите нашите деца да останат во нашите училишта, а со тоа попуштање и на родителите да им докажеме дека ќе има петки, само да останете да живеете овде? И дали овој мал сегмент од функционирањето на нашето општество, образованието, е тоа кое би можело да се подобри и да ги задржи младите да останат во државата?

Според вас кој е излезот од целата оваа ситуација за повторно да се вратиме во некој нормален колосек?

Бумбароски: Како млади, ако гледате дека не можете да стигнете навреме да се лекувате, ако не му верувате на правосудниот систем, ако не верувате во институциите, вие тоа ќе го барате надвор од државата. Ако гледате дека вашето дете кое има добри манири и кое дома е успешно и успешно на училиште, а можеби не напредува онака како што напредува некое кое има други влијаниа и врски од страна, ние сите добро знаеме, верувам дека голем дел од гледачите знаат и имаат барем по еден пример на неправда која се случила со вработување, неправда која се случила со добивање на некоја награда итн. Цел овој наш систем мораме да го промениме, не е само образованието, но од друга страна пак сите ние сме системот. Моето достоинство како наставник јас си го градам, јас како наставник пробувам и сакам да имам почит, јас сум тој што на сите родители и на околината им задавам правец како да се однесуваат кон мене и колку да ме почитуваат. Буквално речено, сигурно сте сведоци дека минатата година имаше штрајкови, ние бараме повисоки плати, но да знаете дека платата не ни го дава  достоинството, оној што има повеќе пари не значи дека ќе биде повеќе почитуван од оној што има помалку пари. Повторно се враќам кај нас, ние сме тие што го заслужуваме или не го заслужуваме достоинството, секој поединец, секој наставник е должен себе сѝ да се истакне на ниво да биде почитуван и да има достоинство. Наставниците често пати се бориме за достоинство, но ние сме тие, ние сме оние кои го даваме правецот и ние ги воспитуваме следните генерации, ние ги образуваме, нормално заедно со родителите и семејството.

Дали конечно ги добивте новите учебници потребни за сите предмети, за сите одделенија и како се снаоѓате со новата концепција во образовниот систем?

Бумбароски: Немањето на учебници е еден од проблемите со кои се соочуваме оваа учебна година, исто како и минатата учебна година. Иако беше ветувано дека пред почетокот на учебната година ќе имаме учебници, дека ќе имаме учебници до крајот на септември, еве веќе влеговме и во октомври и морам да признаам дека според оние сознанија кои ги имам јас кажуваат дека немаме се уште учебници по сите предмети, посебно во делот на промените кои се според концепцијата, онаа фамозна концепција која направи раздор во образованието затоа што учениците од шесто одделение немаат воопшто учебници. Тука е и делот што сакам да го спомнам, односно спојувањето на предмети  кое е навистина направено на еден начин кој направи големи проблеми, нема само на наставниците, туку и на директорите и на општините. Цела оваа плејада на проблеми кои ги предизвика концепцијата, допрва ќе ја ччувствуваме сите. Иако, многу добро знаете дека ние како наставници реагиравме и на самиот момент кога беше презентирана и начинот како таа од одредени политички структура во државата е протуркувана и веќе дојдовме до некоја кулминација, односно навистина таа концпеција создава проблем во однос на функционирањето на училиштата.

Ќе може да продолжите понатаму со функционирање?

Бумбароски: Сметајте дека таа концепција е стигната до шесто одделение, наредна година ако оди според ова темпо, би требало, знак прашање е дали ќе продолжи затоа што како што добро знаете напролет имаме парламентарни избори, можеби ќе има промени и можеби сето тоа ќе биде стопирано. Се надеваме ние, барем оној дел од наставниците кои што се свесни за последиците од концепцијата дека тоа можеби нема да продолжи понатаму и таа ќе биде ставена на ревидирање.

Доколку има промени на ниво на власт на изборите очекувате дека ќе има и промени на образовната концепција?

Бумбароски: Да, точно го очекувам, затоа што ако има промени, а знаете дека напролет се редовните парламентарни избори и сметајте дека тогаш можеби ќе има промени во редовите на Министерството за образование и сето тоа кое што би се случило, ќе има ревизија на цело ова работење и на целата концепција.

Еве за крај, имате покачена септемвриска плата, она за што штрајкувавте минатата година, дали сте задоволни?

Бумбароски: Како што напоменав и претходно, никој не работи за минимална плата, никој не работи за плата која не ги задоволува основните човекови потреби. Сметајте дека минатата година имавме голема инфлација, така да оваа плата се израмнува, па дури е и под нивото на инфлацијата која ја зафати Македонија.

Значи не сте задоволни?

Бумбароски: Тоа е тоа, како и сите останати, секогаш може подобро, и ние можеме подобро, а верувам дека во одреден момент во иднина ќе си го добиеме заслуженото, како и сите наши граѓани.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи