ВИДЕО – „Ние ја изградивме државава, им купивме фотељи да седат, а тие сакаат да нѐ уништат, бараме оставки“


Прилепските пензионери денеска го блокираа влезот на Прилеп кој води кон регионалниот пат Прилеп-Градско. Велат дека не само што нема да престанат со протестите туку и дека ќе ги радикализирале. Остануваат на ставот линеарно покачување на пензијата од по 5.000 денари за секој пензионер, а минималната пензија да изнесува  18.000 денари. Велат дека на толку високи цени на производите невозможно било повеќе да се живее во државава.

И се заблагодарувам на претседателката и на министерката што ни ја покачија пензијата за 5.3%, затоа што јас добив 600 денари покачување и многу сум благодарен затоа што можам да купам цел килограм сирење со тие пари. Како си замислуваат тие, ни со 12.000 денари да преживееме во месецот кога само давачките ни се преку 10.000 денари, за лекови. Сега почнува грејната сезона, од каде да најдеме пари за дрва да купиме, 6.000 денари е еден кубик дрва. Нека одвојат по 10.000 денари од нивниот буџет и нека не чепкаат во другите пари да видат дали ќе поминат со тие 10-12.000 денари во месецот“, вели Крсте Бојоски, пензионер.

 

Министерката Тренчевска излегува на пресови и само нѐ лажи, вели пензискиот фонд нема, ако дадеме линеарно ќе имало испразнување. Јас да ја поздравам Тренчевска и да ѝ кажам, ако беше паметна и за Владата и за пензионерите и за сите ќе беше, тие вкупно средствата што беа да се собереа на купче и да се поделеше на сите 340.000 пензионери, ќе беа истите средства, ниту Фонд ќе се намалеше, ниту ќе се загрозеше“, кажа Алекса Иваноски, пензионер.

Пензионерите велат дека бидејќи Владата немала слух за нивниот проблем сега за надминување на оваа ситуација ќе барале средби и со претставници на димпломатскиот кор во земјава, а поддршка во протестите ќе побарале и од други категории на граѓани.

Сакам да ги поздравам сите пензионери да се држат и да не се откажуваат, а друго да им порачам на овие корумпирани криминалци што се на власт да си дадат оставка. Пензионерите одиме до крај, ќе одиме до сите странски амбасади, ќе бараме студентските здруженија да нѐ поддржат, одиме до крај и не се предаваме. Нема што да изгубиме, ние ја изградивме оваа држава, им купивме фотељи да седат, а тие сакаат да нѐ уништат, па кој кого ќе видиме“, додаде Миле Велкоски, пензионер.

 

Веќе ни се исцрпија и молбите и клетвите, само изгледа министеркана почна да нѐ тренира, кај досега на леб и вода, сега само на воздух да живееме. Јас не знам како еднаш не си го кладе прстот на умот и да рече чекај овие луѓе сигурно имаат мака што излегуваат. Ние не излегуваме на оваа жештина стари луѓе од што ни е многу мерак, или неа да ја спомнуваме од мерак. Ах само нека дојдат избори, само да дојдат избори...“, рече Билјана Шекероска, пензионер.

 

Со кое лице дава изјави дека најниската пензија е 13.300 денари, не е точно. Располагаме со податоци дека најниската пензија е 7.700“, вели Наде Гаврилоска, пензионер.

 Беше најавен нов собир на пензионерите од цела Македонија во Прилеп на 11 Октомври кога планираат марш од центарот на градот до Могилата на Непобедените и оддавање на почит на борците од НОБ.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи