Во пресрет на 11 Октомври, еден од најголемите национални празници, во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, на 10 октомври, во 18.30 часот, ќе биде отворена поставка на дела од академскиот сликар Сергеј Андреевски.
„Чест ни е што академскиот сликар Сергеј Андреевски ја прифати нашата покана за изложба со избор негови дела, коишто ќе го означат неговиот креативен и професионален развој како реномиран уметник и македонски амбасадор на уметноста, културата, историјата, сѐ она што е одлика на македонските вредности и убавини“, истакна директорката на библиотеката Моника Талеска.
Со наслов „Октомвриска ноќ: Прослава на уметноста, поезијата и виното“, во рамките на настанот тројца актери од Прилепскиот театар, Даниела Иваноска, Наташа Наумоска и Димитар Ѓорѓиевски, ќе рецитираат избор поезија од Петре М. Андреевски и од Светлана Христова Јоциќ.