Прилепските пензионери и денеска го искажаа својот револт преку протести и со блокада на раскрсницата кај Основниот суд, поради неисполнувањето на нивните барања за линеарно зголемување на пензиите од по 5.000 денари за кој пензионер. Велат дека имало обиди да се раструрат полека овие нивни собири, но потенцираа дека нема да попуштат по никоја цена затоа што, како што рекоа, стомаците им кркореле, а дел од нив поради немање на доволно пари прескокнувале и дел од оброците во текот на денот.
„Во петокот имавме закажано протести кај Автоконтрол, но во последен момент ни кажаа од полиција дека протестите таму не можело да се одржат. Јас лично им реков дека пробуваат на некој начин да ни го задушат протестот, но нема да се случи, нема да се откажеме, не Тренческа, не Таче или како го викаат тој таму, кој сака нека застанува, ние нема да застанеме оти цревата ни кркорат нас, има луѓе по еден по 2 оброци што ги прескокнуваат за да можат да го поминат месецот“, вели Билјана Шекероска, пензионер.
„Ја поздравувам министерката Тренчевска, оние свои изјави кои ги дава секој ден, а ја слушав и сабајлево, ја прашувам како можат тие да си ги кренат платите за 78%, а тоа е 90% нивно линеарно покачување и сега од Нова Година уште по 400 евра за сите еднакво покачување. Не ѝ е срам да лажи? Овде луѓево идат, гинат, некни имаше сообраќајка имаше изгазено жена на блокада, овде гледав еден легнат пензионер кој нема да јаде, мора да биде покачувањето линеарно и тоа е законски, бидејќи тие го носат Законот и тие го поништуваат Законот, никогаш ова не било вака“, рече Милан Пирганоски, пензионер.