Во Македонски Брод по 16-ти пат се одржа манифестацијата Костенијада која од годинава трае 2 дена и е преименувана во Фестивал на костенот. Костенот пак е најпознатиот бренд од Поречието кој што е баран низ цела Македонија и пошироко. Манифестацијата започна со веќе традиционалната изложба на ракотворби од костен кои ги изработија децата од градинката, средното и основните училишта во Брод.
„Оваа манифестација во Македонски Брод е една од најзначајните, бидејќи јас како етнолог и вработена во Домот на културата успеавме традицијата да ја внесеме во оваа изложба и буквално нема дете што нема желба да направи. Исклучиво сите изработки се во врска со костенот, украсување со желадот, иглите, листовите, сѐ што ни носи убавата есен“, вели Милена Стојческа, директор на Домот за култура во Македонски Брод.
Теодора Ристеска, ја доби Гран при наградата, 1 место го освои Алексеј Здравески, второ Дарјан и Матеј Јанески и трето место со својата изработка го освои Петар Лазаревски.
„Мислам дека од година во година децата се сѐ покреативни и покреативни, се вложуваат, ги поттикнува природата, амбиентот, костенот како медиум и како инспирација и се користи и како идеја и како медиум за овие ликовни дела кои ги создаваат учениците, заедно сите ние како професори и наставници со децата и фактички живееме со оваа ситуација. Од оваа година е Фестивал на костенот и мислам дека е убав пример како да се сака природата, како да се сака она што го дава природата како идеја, а учениците и ние како да го преточиме во креативност и во ликовно дело“, рече Гоце Милески, професор по ликовно образование.
Манифестрацијата продолжи со дефиле на учесниците од културно уметничките друштва од Домот за култура до центарот на градот, каде имаше културно уметничка програма. Имаше гости и од соседна Србија.
Во просек тука се произведуваат по околу 300 тони на костени годишно, што претставува дополнителен приход за голем број семејства. Но проблем е што до костеновите шуми тешко се стигнува, нема инфраструктура, а дел од дрвјата веќе започнале да се сушат и треба да се заштитат.
„Сега што е проблемот, целата количина на костен не може да се собере затоа што станува збор за костенови шуми и предели каде што се тешко достапни. Исто така имаме голем проблем кој се појавува во последниве неколку години, а тоа е сушење на костеновите стебла, така да ние како локална самоуправа ние во текот на оваа година планираме да изработиме една студија од страна на стручни лица и да преземеме соодветни мерки за заштита на самиот костен“, рече Жарко Ристески, градоначалник на М. Брод.
Жителите велат дека доколку би имало патишта годишно би се собирале и повеќе костени.
„Тешко е да се појди до костенот и тежок е за збирање, но мора да се собери костенот.
Се исплати?
Па, се исплати“, вели еден жител на М. Брод.
„Кој има добиток со магаре, со маска, кој нема со ранецот, што друго?
Пристапни патишта нема?
Во некои села има пристапни патишта, во моето село нема, слабо е, нема, ние обично со ранци.
Ако би се изградила инфраструктура дали би имало повеќе костени?
Па можеби, ако има патишта да, целиот костен ќе се собира, нема да го јадат дивите свињи“, рече друг жител на М. Брод.
Освен костенот беа изложени и други производи од засега најеколошкиот крај во Македонија.
„Ентузијасти има како што гледате, само треба капацитет и поддршка од институциите за да може да се реализираат проекти како еве нашиот.
Што би требало да направи државата?
Да изнајде начини за ваквите мали производители да можат да го зголемат капацитетот итн., а постојат начини, дали преку националните програми, дали преку ИПАРД програмите“, кажа еден жител на М. Брод.
„Карактеристиките на костеновиот мед, моментално се смета во Македонија за најдобриот и најквалитетен мед, го нема во цела Македонија, има подрачја каде што го има како поречкиот, дебарскиот, тетовскиот, струмичкиот дел. Костеновиот мед има поголеми вредности за разлика од ливадскиот мед“, истакна друг жител на Поречието
За в година се планира збогатување на манифестацијата и уште поголема популаризација на костенот како плод од овој крај кој што има значителен импакт врз економијата на поречани.