Отворена втората самостојна изложба на Филип Перески – „Линеарно обликување“

Синоќа во Ликовната галерија  од ЦК”Марко Цепенков” во Прилеп, беше отворена втората самостојна изложба на академскиот уметник Филип Перески, кој се претставува со слики и скулптури.

Изложбата ја отвори Викторија Димеска, историчар на уметност, која посочи дека со делата уметникот ликовно ги истражува бескрајните можности и начини со коишто инвентивно ги реконтекстуализира – линијата врз дводимензионалната површина на сликарското платно и формата во тродимензионалниот простор.
„Сликарство на Перески се одликува со спонтани искривени линии коишто асоцираат на органски и динамични облици. Во апстрактно асоцијативните композиции доминира активниот однос и слободната креативна игра меѓу ликовните елементи во просторот:контраст и градација на линијата и бојата…..Во скулптурата, Перески ја искривува и раскршува линијата создавајќи минималистички геометриски форми со „полна“ маса и мрежно испреплетени „празни“ колоритни интервенции. Ослободувајќи ја композицијата од геометриска строгост, автентичниот ликовен јазик на академскиот уметник Филип Перески спонтано еволуира и се развива во апстрактно-асоцијативен израз“, рече м-р Викторија Димеска, историчар на уметност на отворањето на изложбата.
Филип Перески дипломира 2013 год. на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на катедрата за ликовна педагогија, насока вајарство во класата на проф. Станко Павлески. Член е на Друштвото на ликовни уметници Прилеп (ДЛУП). Има реализирано две самостојни изложби, повеќе групни, а учествувал и на ликовни колонии.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи