Македонија, како демократска и инклузивна држава, националните политики ги насочува кон децентрализацијата и обезбедување на права и услуги за квалитетен живот на сите граѓани без разлика дали живееат во град или село, во урбана или рурална област. Право на секој граѓанин на државата е учеството во процесите на креирање на политики и донесување на одлуки со цел креирање на политки на локално и национално ниво кои ќе одговорат на потребите на граѓаните и во урбаните, и во руралните средини и ќе обезбедат подобрување на квалитетот на живот.
Според одредени критериуми идентификувани од релевантните институции, општините во Македонија се поделени на урбани и рурални општини, меѓутоа важно е да се нагласи дека голем број од урбаните општини опфаќаат и рурални области.
Предизвиците на жителите од руралните средини во нашата држава се многубројни, а истражувањата на терен покажуваат дека недостасува поголемо вклучување на жителите во процесите на креирање на политики со цел правилно адресирање на нивните проблеми и предизвици и креирање на политики кои ефективно и ефикасно ќе придонесат за намалување и/или надминување на предизвиците со кои тие се соочуваат.
Според анализата ,,Учеството на руралното население во процесите на донесување на одлуки на локално ниво – двигател на одржливиот развој‘‘ која во изминатиот период ја спроведе здружението на земјоделци Агромаџо се покажа дека сегашното законодавство и политики не успеваат да обезбедат ефективни механизми за учество на граѓаните насочени да обезбедат рамноправно вклучување на сите граѓани а особено на ранливите групи на граѓани. Моменталната поставеност на телата кои се носители на одлуки во локалните самоуправи кои опфаќаат урбан и рурален дел, укажува на речиси исклученост на жителите од руралните средини во искажувањето на нивните потреби. Токму тоа ги прави демотивирани да бидат активни граѓани, бидејќи сметаат дека и покрај нивните предлози се носат одлуки без нивна информираност.
Од друга страна пак нефункционирањето на месните заедници дополнително го уназадува демократскиот процес за учество при креирањето на локалните политики. Инаку, месните заедници се основаат заради остварување на уставното право на месна самоуправа, како облик на изразување на нивниот заеднички интерес и заради давање придонес за решавање на нивните секојдневни потреби во непосредната околина на подрачје за кое тие се основани и вклучување во системот на одлучување во локалната самоуправа, нефункционирањето на месните заедници го уназадува демократскиот процес за учество при креирањето на локалните политики.
Според здружението Агромаџо, Македонија како земја во која руралниото население игра клучна улога во остварувањето на руралниот, земјоделскиот и економскиот развој, потребно е зголемено учество на руралното население во процесите на донесување на одлуки на локално ниво со цел унапредување на системот на локална самоуправа, децентрализација и подобрување на условите за живот во локалните рурални заедници. Во фокусот на локалните власти треба да е обзбедување на можности за рамноправно вклучување и на руралното население во креирањето на одлуки кои се суштински за жителите. Локалните самоуправи треба да се насочат кон исполнување на заложбите на ЕУ да се поддржува и промовира демократијата и човековите права преку зајакнување на партиципативната и репрезентативната демократија, засилување на целосниот демократски циклус, особено преку зајакната активна улога на граѓанското општество и владеење на правото.
Анализата ,, Учеството на руралното население во процесите на донесување на одлуки на локално ниво – двигател на оддржливиот развој‘‘, беше спроведена во рамките на проектот ,, Вклученоста на руралното население во процесите на донесување на одлуки на локално ниво – основа за градење на демократско и децентрализирано општество’’, имплементиран од Здружението на земјоделци Агромаџо, со финансиска поддршка на ЕУ во рамките на програмата ,,Техничка поддршка на овозможувачка средина за граѓанските организации на Македонија’’. спроведувана од конзорциумот предводен од CRM.
Во анализата беа вклучени 226 испитаници од 24 рурални населени места од општините Прилеп и Кривогаштани.