ВИДЕО – КУД „Мирче Ацев“ го одржа својот 76-ти традиционален годишен концерт во Прилеп

Годинава по 76 пат се одржа традиционалниот годишен концерт на КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп. Годинава концерт беше дел од манифестациите кои се одржаа по повод ослободувањето на Прилеп, празникот 3 Ноември. 100-тина членови од друштвото поделени во 4 возрасни категории се претставија пред публиката со 22 точки на разни сплетови на ора и песни од цела Македонија.

„Поделени сме на 4 групи, секоја група има подготвено барем една точка од другите делови на Македонија, како на пример од Малешевијата, Повардарието и слично. Исто така има машки, женски и мешани ора. Пробите не беа лесни, макотрпно се подготвувавме подолг период за овој концерт“, вели Михаел Крстески, член на КУД „Мирче Ацев“.

Заинтересираноста на младите да бидат дел од ова друштво била доста голема.

„Искрено се радувам кога одам на проба да ги видам и најмладите членови. Секоја година има заинтересираност и кај машките и кај женските дечиња. Моментално исто така се врши упис на нови членови. Сите заинтересирани може да дојдат во сабота во просториите на домот „Спиро Забрчанец“ каде се одржуваат пробите за почетниците“, рече Елена Николоска, член на КУД „Мирче Ацев“.

Како куриозитет може да се каже тоа дека КУД „Мирче Ацев“ е за 2 години постаро дури и од националниот ансамбл Танец. Друштвото е формирано во далечната 1947 година, во месец април, на иницијатива на работниците во прилепскиот Тутунски комбинат во Прилеп, но потоа во истото можеле да се придружат и да членуваат и луѓе кои не работат во Комбинатот. Денес тоа е еден од најдобрите промотори на нашиот фолклор низ светот.

Оваа година имавме доста активност најчесто во нашиот град каде ја збогатувавме програмата на доста фестивали, како мототрките, Фестивалот на медот, саемот по повод денот на Руралната жена и многу други. Но имавме доста настапи и низ државата, конкретно во Кочани. Оваа година ќе ни остане запаметена по турнејата во Хрватска, Загреб, Велика Горица, Ивањич, Клоштар, Макарска, каде сте стекнавме со 2 значајни награди за нас. На реномираниот фестивал во Велика Горица добивме 2 награди, награда за изворност и награда за техничка изведба“, изјави Горан Василески, претседател на КУД „Мирче Ацев“ – Прилеп.

Минатата година друштвото одбележа јубилеј од 75 години постоење, а во периодот кој следува ќе се подготвува за 80 годишнината од основањето .

„Минатата година имавме јубилеј 75 години постоење кој го прославивме навистина се надевам достоинствено. Покрај стандардниот концерт имавме и ревија на традиционалните носии кои ги поседува Друштвото, изложба на стари фотографии на играорци, пејачи, музичари кои зеле учество во изминатите години“, додаде Василески.

 

„И можам да кажам дека уште од сега се подготвуваме за големиот јубилеј 80 години, спремаме со припрема на нови сплетови од различни делови од Македонија. Друштвото после корона вирусот, кога имаше мала стагнација со активности, сега се подготвуваме за поголеми проекти и настани и продолжуваме со уште поголемо темпо да се подготвуваме за понатаму“, рече членот на КУД „Мирче Ацев“, Елена Николоска.

За овие 76 години досега во друштвото поминале над 4.000 членови.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи