Тоа е еден монструозен скандал, во кој навистина е беспредметно да се дава било каков коментар, но мораме за жал во јавноста да го повторуваме, бидејќи сепак Македонија денес повторно за жал, за жал се соочува со луѓе кои печалеле на смртта на граѓаните и тоа е навистина нешто што е монструозно и траорно. Ние имаме обемна документација која опфаќа период заклучно со август месец 2023 година, бидејќи работата на комисијата беше ограничена до 2021 година и врз основа на досегашните направени анализи извлековме неколку заклучоци, истакна денеска во Прилеп, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Првиот заклучок кој што е фрапантен, се темели на извештај од вонреден инспекциски надзор на Фондот за здравство, на јавните набавки на Министерството за здравство и Универзитетската клиника за радиологија и онкологија. Од вонредниот инспекциски надзор на Министерството за здравство и јавните набавки во МЗ во периодот од 1 август 2021 до 1 август 2023 година, но истовремено и парцијалниот инспекциски надзор на Универзитетската клиника за радиологија и онкологија период декември 2022 – јануари, февруари, март 2023 констатирани се големи неправилности и практично е констатирано дека тоа кое се случувало до 2021 само продолжува и дури е засилено и тие пропусти се нотирани во тој извештај и затоа ние бараме работата на собраниската комисија да го опфати и овој период. Понатаму од оние документи до кои дојдовме и од нивна анализа констатиравме дека и покрај тоа што се констатирани огромни, милионски залихи на лекови од страна на Фондот за здравствено осигурување заклучно со првиот квартал оваа година, тоа не ги спречувало надлежните и во МЗ и во УКРО да распишуваат тендери за истите лекови и покрај тоа што има јасен извештај дека имаме милионски залихи. И третиот заклучок кој повлекува многу прашања е како тоа се дава дозвола на пациенти, по нивно барање да биде аплицирана терапија во други здравствени установи. На кој начин се транспортира таа терапија, бидејќи ако ги погледнете договорите со добавувачите јасно стои дека транспортот на таа терапија не смее да биде во средина каде температурата е помала од 2 степени, или повисока од 8 степени, односно температурата мора да биде меѓу 2 и 8 степени. Второ, дали некој добива повратна информација на УКРО дали навистина таа терапија е аплицирана, дали некој носи доказ дека таа терапија навистина е аплицирана и на начин на кој е пропишана, како и наод од специјалист или супспецијалист? Понатаму, дали тие вијали, или пакувања кои што ги имаат пациентите се целосно потрошени, или делумно и што се прави со остатокот? Да речиме, ако пакувањето е 100 единици, а на пациентот треба да се аплицираат 50 единици, што се случува со останатите 50 единици? Дали се фактурира ова аплицирање на терапија од страна на УКРО кон Фондот за здравство со одземена услуга која е дадена во друга здравствена установа, или ова двојно се наплаќа? Итн., итн…“, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека за жал има многу прашања за кои за нема одговор и затоа барале проширување на работата на Комисијата во рамките на Парламентот, бидејќи граѓаните заслужувале одговор.
„Затоа што вие имате една омилена веледрогерија, која ако забележите од регистарот за јавни набавки во МЗ и на УКРО снабдува милионски суми на лекови, а од друга страна имаме катастрофални услови таму каде се аплицира таа терапија. Од една страна имаме катастрофални, непристојни услови, а од друга страна имаме милионери кои работат со тие здравствени установи, некако работите се изместени и треба да провериме зошто е тоа така. Имаме веледрогерии кои може да конкурираат на европските милионери, а услови за жал субстандардни во здравствените установи, да видиме кој печали на смртта и на маките на граѓаните“, додаде Мицкоски.