ВИДЕО – Се изврши геоскенирање на Стибера, во иднина точно ќе се знае каде има градби под земјата и каде да се истражува


За првпат после 70 години од започнувањето на истражувањата на локалитетот Стибера се прави негово гео скенирање со посебен уред на кој се отчитува каде би можеле да се наоѓаат неоткриените градби. Во иднина овие испитувања ќе помогнат многу, ќе се заштеди време и пари, а археолозите точно ќе знаат каде да копаат и што да очекуваат дека може да се открие под земјата.

„Овој метод на неинвазивно истражување, без ископување, затоа што сите ние археолозите од цел свет не знаеме што има под земјата, па понекогаш се случувале такви некои промашувања, поставуваш сонда и нема ништо. А со оваа метода на гео скенирање на површината на теренот едноставно ние со сигурност добиваме каде се наоѓаат градбите, така што нема грешка“, вели Душко Темелкоски, раководител на истражувањата.

Овие истражувања се работат во соработка со Археолошкиот музеј на Македонија. Првичните податоци покажуваат дека под земјата има мноштво на ѕидови и градби, но за тоа што поконкретно би можело да има закопано тука ќе треба сите овие добиени податоци потоа да се обработат во посебен софтвер.
„Она што го правиме ние на одредени полигони, ја скенираме целата површина и врз основа на тие рефлексии кои ги добиваме, врз основа на тие аномалии кои ги бараме можеме да кажеме во кој дел од тоа поле кое е снимано се наоѓа архитектурата и другите аномалии кои што ги гледаме. Оваа година на Стибера поставивме доста големи полигони, покриваме доста голема површина, која што во иднина ќе даде насоки каде да се сконцентрираат идните истражувања“, вели Радомир Ивановиќ, Археолошки музеј на Македонија.

До сега со овој уред, кој е единствен од ваков тип во Македонија биле покриени 15 локалитети, а на 5 до 6 од нив веќе биле направени археолошки истражувања и биле потврдени податоците добиени со овој скенер. Инаку од Стибера досега се откриени само 5%, скоро целиот град е се уште под земја. Во тоа време Стибеа имал 20.000 жители, што во денешни рамки тоа би било еквивалент на една огромна метропола. Градот е на ранг на Стопи, Хераклеа и Скупи.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи