Вториот циклус од едукативните работилници во рамките на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ започнаа изминатиот викенд во Прилеп. Пет училишта од општината Прилеп се придружија годинава на новото театарско-едукативно патување, кое ќе трае во наредните шест месеци, а резултатите од сработеното, ќе ги видиме на претстојното 58. издание на фестивалот, кој годинава ќе се одржи од 7 до 14 јуни.
На вториот циклус едукативни работилници што ги предводи режисерот и едукатор Милош Б. Андоновски од „Театар за сите“ од Скопје, ќе учествуваат ученици од општинските основни училишта „Добре Јованоски“ и „Блаже Конески“, како и од средните општински училишта „Ристе Ристески – Ричко“, „Мирче Ацев“ и „Ѓорче Петров“. Во просториите на прилепскиот театар тие ја одржаа првата средба, под менторство на актерите Илија Волчески и Игор Трпчески. Учениците заедно и со нивните наставници-ментори, разговараа и презентираа за театарските процеси.
Во текот на наредните седум месеци ќе се изучуваат театарските процеси (режија, актерство, драмско пишување и драматургија, костимографија, сценографија) практично, преку вежби и гостувања на театарџии. Целата содржина ќе биде работена врз еден од текстовите на Горан Стефановски, како автор во фокус на 58. издание на фестивалот.
„Едукативните работилници на МТФ „Војдан Чернодрински“ се дел од придружната програма на фестивалот, што ја започна фестивалот од последното 57. издание. Мотивирани од големиот успех и интерес што го предизвика кај учениците и наставниците, и годинава оваа активност сакаме да ја надградуваме. Свесни сме колку е важно учениците да бидат вклучени директно во создавање театарско дело, да дишат во ритамот на театарот, да истражуваат, а и особено да имаат можност тоа да го работат со театарски професионалци. Едукативните работилници се мотивирачки и за наставниците, кои изразија волја да ја продолжат работата и ја вклучат во нивната настава“, велат од фестивалот.