Прилепските пензионери ги продолжија протестите кои барем еднаш неделно ги одржуваат во изминативе 3 месеци. Денеска протестираа пред ПИОМ од каде побараа одговор како може да престане да им се запира од пензијата секој месец по 30 денари кои одат како членарина за Сојузот на здруженија на пензионери. Велат дека тие пари ненаменски се трошеле и дека штом Сојузот не ги поддржува во нивните барања, и не им дава финансиска помош за нивните потреби тогаш тие немало што повеќе да го финансираат ова Здружение.
„Од здружението не да не сме задоволи, туку сме разочарани скрос, затоа што побарувањата кога ни беа да ни дозволат автобуси за во Скопје, никој глава не крена, се оградија од нас, не оставија сами да си плаќаме. Во Скопје кога бевме на протестот сите што бевме си плативме поединечно по 250 денари превоз до Скопје“, истакна Благоја Панески, пензионер.
„Таму добро стои членство во Здружение на пензионери и солидарен погреб, но тогаш беше ставката за солидарен фонд за погреб 140 денари, сега ни земаат плус 30 денари. Ние се сомневаме дека 140-те и 30-те денари се разделени и одат на 2 места. Ние сакаме да видиме нашите пари каде одат“, вели Ангеле Видески, пензионер.
Пензионерите се заканија на радикализација на протестите и дека нема да престанат по никоја цена.
„Сите незадоволни пензионери да не се плашат, да се приклучат, затоа што ова што се понудува и разбира е стварно еден вид на социјална помош. Нас не ни е потребна еднократна социјална помош, нас ни се потребни средства и не отстапуваме од тоа, од тие 5.000 денари и нашето второ барање кое беше за минимална пензија“, кажа Вера Чакмакоска, пензионер.
Повикаа на поголема масовност на протестите во сите градови, затоа што само побројни ќе можеле побрзо да ја остварат својата цел.