Во 100-те најголеми фирми по бројот на вработени во 2022 година имало вкупно 81.426 ангажирани лица, покажуваат податоците од платформата БизнисМрежа.мк. Кај истите работодавачи во 2021 година имало вкупно 78.920 вработени. Значи, за една година вкупниот број кај најголемите работодвачи се зголемил за 3.136, анализира порталот „Пари“.
Секако, поединечно гледано, имало фирми кај кои се зголемил бројот на вработени, а имало и кај кои се намалил, но крајниот ефект бил – повеќе работници. Всушност, податоците покажуваат дека најголемите работодавачи станале уште поголеми.
На прво место на листата 100 НАЈГОЛЕМИ РАБОТОДАВАЧИ е КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА БТ ДООЕЛ –Битола, со дури 6.278 вработени. Кај оваа компанија за една година имало раст на вработените за 17%, затоа што во 2021 имала 5.368 вработени.
На второто место е Друштвото за производство на електрична и електронска опрема за моторни возила ДММ ДРЕКСЛМАЈЕР МАНУФАКТУРИНГ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ увоз-извоз Кавадарци со 6.312 вработени. Што е за 10% повеќе отколку во 2021 година кога имале 5.626 вработени.
На третото место е Друштвото за производство, трговија и услуги АМФЕНОЛ ТЕХНОЛОЏИ МАКЕДОН, кое од 2.185 вработени во 2021, го зголемило бројот за 16%, па во 2022 година достигнало 2.535 вработени.
На четвртото место е Друштвото за производство, трговија и услуги ГЕНТЕРМ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ увоз-извоз Прилеп со 2.322 вработени лани, што е за 16% повеќе отколку во 2021 година, кога имале 1.996 вработени.
На петтото место е Фармацевтската хемиска козметичка индустрија АЛКАЛОИД АД Скопје. Лани имале 1.965 вработени, што е 6% раст во однос на 2021 година, кога функционирале со 1.860 вработени.
На шестото место како најголем работодавач, со 1.914 вработени лани се нашол МАКПЕТРОЛ. Претходната година имале 1.870 вработени, што значи дека за една година го зголемил бројот на вработени за 2%.
Значи, шестте најголеми работодавачи уште повеќе го зголемиле бројот на вработени, при што првите четири најголеми работавачи се странски инвеститори, а петтата и шестата компанија се домашни компании.
По овие шест најголеми работодавачи, седмиот – Друштво за обезбедување на лица и имот НИКОБ ДОО експорт-импорт Скопје, веќе има пад на бројот на вработени. И понатаму состојбата е „шарена“, некој го зголемил, а некој го намалил бројот.
Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/