Ниту во прилепската болница, ниту на Клиниката за детски болести, ниту кај матичниот гинеколог ПЗУ Д-р Моника, не се пронајдени недостатоци, а документациите во двете болници и приватната ординација за починатото новороденче се уредно водени.
Ова денеска го потврдија од Државниот здравствен и санитарен инспекторат по направениот вонреден инспекциски надзор, откако на 5 ноември од сепса на Клиниката за детски болести во Скопје почина новороденче кое било породено во Прилеп, а таму испратено на 3-тиот ден по добиени компликации. Надзорот бил правен на 13, 14 и 15 овој месец. Според ДСЗИ на 29.10 констатирано било жолтило на кожата на новороденчето и тоа било поставено на 12 часовна фототерапија. Немало сомневање за рана неонатална инфекција.
Другиот ден на 30.10 тоа одбивало да јаде, било млитаво и со површно дишење. Проверена е гликемија и поради ниски вредности (2.1) му била дадена гликоза, кислородна подршка и поради лоша клиничка слика и сомнеж за перинатална инфекција била дадена двојна антибиотска терапија, дексазон, инфузија со гликоза и ставено во инкубатор. Утрината во 7 часот е итно испратено во Скопје каде е примено во тешка општа состојба, хипотонично без реакција на длабока дразба, со ирегуларно дишење проследено со апнеи и акрилна цијаноза. Веднаш била вклучена антибиотска терапија. Било утврдено присуство на Escherichia colli во дишните патишта, а хемокултура негативна.
На 05.11. во 14.40 часот кај бебето настанува срцев застој, по што тоа е реанимирано. Во 20.15 часот повторно има срцев застој по што тоа починува.
Од ДСЗИ велат дека тоа што било во нивна надлежност го направиле, а додека пак тие не можеле даја утврдуваат стручноста на лекарите.
Министерот за здравство пак, Фатмир Меџити, најави формирање на стручна комисија која треба да го испита целиот случај.
Родителите пак и понатаму остануваат на ставот дека за смртта на бебето виновна е лекарска негрижа и случајот го пријавија во ОЈО Прилеп. Од таму истакнаа дека веќе е отворен предмет за целиот случај.
Комисија пак за интрахоспитални инфекции во прилепската болница побара од Центарот за јавно здравје од Прилеп да изврши вонредни контроли во одделенијата за неонаталогија и гинекологија, од каде се уште не се готови резултатите од микробиолошките истражувања на земените брисеви.