Доајенот на македонското глумиште, актерот Мето Јовановски почина на 77 години, потврдија од Драмски театар.
Јовановски со повеќе од 60 филмски и телевизиски улоги остави неизбришлив придонес на македонската филмска, телевизиска и театарска сцена. Дел од неговите незаборавни улоги ги одигра во „Тетовирање“, „Пред дождот“, „Најдолгиот пат“ и многу други.
За своите театарски, филмски и телевизиски актерски остварувања ги има добиено највисоките награди меѓу кои „Златна клапа“ во Белград, четирикратен лауреат на наградата „Милтон Манаки“, наградата „Петре Прличко“, наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“, награда за животно дело на осмиот Балкан панорама филм фестивал во Измир 2022 итн.
Јовановски е роден во 1946 година во селото Панчарево, Пехчево. Завршил Театарска академија во Софија во 1971 година и истата година се вработил во Драмскиот театар во Скопје. Неговата глумечка кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде настапувал уште пред да се запише на студиите. Оттогаш, за многу кратко време, Јовановски се истакнува како еден од водечките драмски уметници во Македонија.
„Од дипломирањето во 1971 година, кога застана на сцената на Драмски со претставата „Што виде собарот“, во себе ја носеше истата жар за професијата. Мето замина во легендите само дваесет дена откако на 26 октомври бравурозно ја изигра својата последна претстава на „My name is Goran Stefanovski“.
Македонската и регионалната публика останува без актер кој ќе го памети по неговата харизма, а колегите актери по творечката енергија што ја пренесуваше до последниот свој здив“, посочуваат од Драмски театар Скопје.