Тоа што Бугарија ѝ го прави на Македонија е контрадикторно на интересите на Европската Унија и го поткопува кредибилитетот на Унијата – ова е пораката која шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто ја упати по средбата со неговиот македонски колега Бујар Османи. Го оцени како одвратен фактот што земјава веќе 18 години има кандидатски статус, а не започнала преговори за членство во Унијата. Процесот на проширување како што кажа тој, мора да се забрза, а Унгарија која од идната година кога го презема претседавањето со Унијата ќе напраела се што е во нејзина моќ, тоа да се случи.
„Страшно е што Бугарија го блокираше писмото што требаше да се испрати кон Македонија пред неколку недели. Македонија е земја кандидат 18 години и во тој период, да не можете да ги започнете преговорите, е одвратно и тоа покажува непочитување кон земјата, особено во ова време и тоа е контрадикторно на интересите на ЕУ. Тие кои што блокираат стартот на овие преговори, треба да знаат дека го поткопуваат кредибилитетот на ЕУ“, изјави Сијарто.
Шефот на македонската дипломатија Османи пак, повтори дека очекува уставните измени да се случат до крајот на годинава, за што повторно упати и апел до опозицијата. Изрази надеж дека унгарското претседателство со Европската Унија ќе продолжи да го поддржува македонскиот евроинтегративен пат.
„Она што недостига во овој период за забрзување на нашите евроинтегративни процеси се уставните измени за што уште еднаш апелирам до опозицијата. Следната година, во второто полугодие, Унгарија ќе претседава со ЕУ. Очекувам, како и досега, Унгарија силно и гласно да ја поддржи нашата евроинтеграција. Затоа треба сите да бидеме обединети околу европската идеја“, рече Османи.