Останува нејазно зошто државните институции и министерствата не се обврзани законски да ги чуваат своите податоци во „Центарот за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата“ или скратено ИКТ центарот во Прилеп кој е под надлежност на МВР и кој функционира уште од 2020 година. Инаку токму тоа е неговата функција, Центарот да прави бекап на податоците од целата држава кои на ова место би биле заштитени од земјотреси, поплави, други непогоди или хакерски напади. Засега ова останува само како препорака иако знаеме дека хакерскиот напад на ФЗОМ на почетокот на годинава скоро еден месец го парализираше овој систем, а податоците на ФЗОМ ниту сега не се чуваат тука.
„Се склучуваат договори и тоа е начинот на кој се чуваат податоците, меѓутоа закон не сум видел досега таков да има во однос на регулирање на чување на податоците. И во моментов кажувам на ниво на препорака, бидејќи голем број на институции имаат своја опрема која што ја користат за хостирање бекап на податоци, меѓутоа во момент кога ќе дојде да таа опрема се обновува, или да се проширува сметам дека нивната одлука треба да биде да податоците ги гостираат и бекапот да биде тука во овој ИКТ центар. Бидејќи се работи за најдобриот, најзаштитениот, најсофистициран објект во Западен Балкан“, истакна Димитар Ковачевски,премиер на РМ.
Покрај МВР услугите на ИКТ центарот засега ги користеле само уште Центарот за управување со кризи, Државниот завод за статистика и Царинската управа, а МВР во преговори било со уште една институција која не беше спомената со име. Тој е еден од објектите во државава со највисоки безбедносни стандарди. Изграден е во Прилеп бидејќи ова е сеизмички најстастабилно подрачје.
„Која е улогата, практично да можеме да одговориме, ако се случува било каде во државата некаква катастрофа во која е оневозможен да работи системот на еден од граничните премини, веднаш, за неколку секунди се префрла на бекап варијантата овде во Центаро“, рече Оливер Спасовски, мининистер за внатрешни работи.
Изградбата на центарот чини 3,4 милиони евра, пари од ИПА програмата, а вкупната инвестиција до целосна функционалност на објектот изнесува 11,5 милиони евра.