Покрај членството во ЕУ, како општество треба да почнеме посериозно да размислуваме и за увоз на работна сила од други држави, порача премиерот Димитар Ковачевски. Според него одливот на младото работоспособно население е проблем што ги мачи сите земји од Западен Балкан. Ковачевски додаде дека веќе долг период велиме дека во земјава никој не треба да дојде да работи и тоа е широко распространето во државава. Од друга страна, не ни пречи кога ќе видиме дека во Германија или во Франција доаѓаат и работат луѓе што не се таму родени.
„На темава ќе разговараме со сите чинители, со бизнисот, со Министерството за труд и социјала, со стопанските комори да се зголемат квотите за увоз на работници во земјава. Од Коморите веќе подолго време сигнализираат дека имаат недостиг од работна сила во одредени производствени гранки и дека е потребно да се зголемат квотите за зголемување на производството“, соопшти Ковачевски.