Има доволно простор за организација на изборите во мај, во редовниот термин, јавноста ќе биде информирана штом се постигне поширок консензус за финалните ставови на политичките партии, порача премиерот Димитар Ковачевски денеска од Прилеп.
Според него, СДСМ и ДУИ имаат јасен коалициски договор, а Алијанса за Албанците (АА) има капацитет да разговара за економски просперитетна држава и општество со социјална правда и демократија на највисоко ниво, со слобода на медиумите и владеење на правото, како основи за градење на широкиот коалициски фронт.
Ковачевски истакна дека во тек се разговорите за финализирање на Изборниот законик и вклучувањето на сите забелешки на ОБСЕ/ОДИХР во него.
„Со ДУИ имаме јасен коалициски договор објавен во 2020 година. Секако дека за модалитетите со нив се разговара, но целта за остварување европска коалиција која ќе предводи широк фронт е клучната работа што ќе ги обедини партиите на следните избори. Сите детали и кадровски решенија кои ќе следуваат, ќе бидат споделувани со јавноста како што ќе се носат од официјалните органи на партиите“, истакна Ковачевски.
Кога се прават коалиции, подвлече Ковачевски, клучно е да се споделуваат заеднички вредности кои се однесуваат, пред се, на визијата за модерно општество и модерна држава.